Зошто многу Германци поддржаа партии кои немаа шанси да освојат пратеничко место?

ДПА, Берлин

Во неделата во Германија стотици илјади гласови беа дадени за партии од периферијата, што немаат шанси да влезат во парламентот. Според социолозите, ова се должи на замор од етаблираните партии и зголемениот индивидуализам во општеството.

Помалите партии, кои вообичаено се надвор од центарот на вниманието за време на германските федерални избори, овој пат имаа подобри перформанси од вообичаеното. Тие добија 8,6 проценти од гласовите, наспроти пет проценти во 2017 година.

Најголемиот удел, 2,4 проценти, отиде кај Партијата на слободните избирачи (Freie Waehler), политичка група која се фокусира на локални прашања и има најголема база за поддршка на југот од земјата. Потоа следеше Партијата за заштита на животните, која доби 1,5 проценти.

Следуваат протестната партија против ограничувањата поради коронавирусот, наречена „Основа“ и која доби 1,4 проценти, сатиричната партија, која едноставно се нарекува „Партија“ и доби 1,0 проценти, и „Тим Тоденхофер“, која е именувана по нејзиниот основач и доби 0,5 проценти.

Десетици други мали партии добија можеби стотици илјади гласови. Тогаш, зошто луѓето гласаат за мали партии и покрај фактот дека германскиот изборен систем е намерно дизајниран да ги исклучи отцепените партии и независните од Бундестагот? Постојат исклучоци, но обично една политичка партија во Германија мора да добие најмалку пет проценти од гласовите за да освои места во парламентот.

Политикологот Јирген Фалтер од Унивезитетот во Мајнц смета дека феноменот се должи на отфрлањето на поголемите партии од дел од избирачите и тоа го припишува на општествените промени што ги намалија редовите на поддржувачите на блокот центар-десно и на оние од центар-лево.

Според Фалтер, слабеат долгорочните врски со големите партии меѓу нивните главни поддржувачи, што доведува до соодветно зголемување на колебливите гласачи.

Волфганг Меркел, кој е дел од центарот за социјални истражувања во Берлин, вели “Ние сме високо индивидуализирано општество, што воопшто не беше случај пред 30, 40, 50 години”.

Според Меркел, ова е факторот што доведе до потребата за слобода на индивидуално гласање.

Фалтер го дели овој став, но забележува дека релативно високиот удел на гласови за малите партии главно се должи на гласовите за „Слободните гласачи“, кои се единствената мала партија со потенцијал на федерално ниво.

„Другите се навистина мали партии кои немаат никакви шанси да ја прескокнат бариерата од пет проценти“, додаде тој.

На локално ниво, овие партии вобичаено функционираат подобро.

Во врска со „Основата“ – протестната партија против мерките поради коронавирусот – Фалтер цели  „Новата партија навистина има само една шанса да го прескокне цензусот, доколку има кауза што ја делат многу луѓе и има долгорочна перспектива “.

Тој посочи како Зелените ја развиле и прошириле својата политичка агенда од 1980 -тите. Спротивно на тоа, Основата е партија фокусирана на едно прашање и не нуди речиси ништо друго освен своите идеи за пандемијата.

Меркел не мисли дека ниту една од помалите партии ќе го прескокне цензусот. Партиите застапени во Бундестагот имаат прилично широк опсег, што ги ограничува можностите за нови партии.

Има еден исклучок од правилото за пет проценти. Здружението на гласачи од Јужен Шлезвиг, кое добива поддршка од данското малцинство во северозападната провинција Шлезвиг-Холштајн, е изземено од правилото и ќе испрати претставник во Бундестагот.

Back to top button
Close