Зошто на Протест за женски права – Само 28% од жените во земјава поседуваат имот, а во руралните средини само 5%
Независно од законите промените на ниво на менталитет и култура, тивките социјални притисоци и повнатрешнети очекувања остануваат отпорна ретроградна енергија во борбата за економска политичка и социјална еднаквост на жените.
Независно од законите, во образованието се уште се присутни мизогини наративи кои ги учат 12 годишните девојчиња дека насилството, демнењето и киднапирањето се дел од структурата на “романсата”.
Само 18 од 100 анкетирани жени во руралните средини одговориле дека родителите рамноправно го распределиле имотот меѓу братот и сестрата, останатите биле родово дискриминирани во рамките на своето семејство.
Во разговор со Марта Стевковска, активистка за родова еднаквост од мрежата Стела, бројни се причините зошто утре, во 13 часот, да се излезе на овогодинешниот Марш за женски права и да се бојкотираат бојкотираат домашните обврски и големите маркети и трговски центри.

Стевковска изнесе вознемирувачка статистика, од која се заклучува дека законите очигледно остануваат “текст на хартија” кој не е апликативен во реалноста на жените во Северна Македонија.
-Жените во Македонија имаат повисоки стапки на невработеност, особено оние од руралните средини. 18.634 жени од руралните средини во нашата земја се најголемиот број на неплатени семејни работници во 2021 година (според ДЗР) Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Според последните податоци од ДЗС во однос на учество на пазарот на труд, вработени се 53,5 проценти од мажите наспроти 38,9 проценти од жените. Само околу 28% од жените во земјава поседуваат имот, а во руралните средини само 5% од жените имаат имот на свое име (најчесто вдовици). Само 18 од 100 анкетирани жени во руралните средини одговориле дека родителите рамноправно го распределиле имотот меѓу братот и сестрата, останатите биле родово дискриминирани во рамките на своето семејство – изјави Стевковска.
Голема дискрапанца има и во (не)споделеноста на обврските во домот, кои во најголем дел паѓаат на грбот на жените што следствено, резултира со голем дел фактички неплатена работа.
-Грижата за домот е се уште на товар на жената и тие поминуваат во просек по 2.5 часа повеќе во извршување на домашните обврски од мажот. Според истражување на „Реактор“ 38 проценти од економски неактивните жени се домаќинки, а во категоријата домаќин(к)и, 99 проценти се жени. Недостатокот од градинки и домови за грижа на стари лица исто така влијае на тоа дали жените ќе се вклучат на пазарот на трудот – изјави Стевковска.
Примарната грижа за децата и за постарите членови во семејството паѓа на жената, а недостатокот од социјална и родова инфраструктура значително го намалува учеството на жената на пазарот на трудот. Сето ова покажува дека жените се несразмерно погодени од товарот на домашниот труд и се соочуваат со сериозна економска нееднаквост.
Ова може да доведе и до финансиска зависност од партнерот но и до економско насилство кое премногу често останува незабележано во претежно патријархалните општества, каде што жените трошат двојно повеќе време на неплатена работа од мажите и сочинуваат непропорционално поголем дел од невработеното население
-Заедно со родово базираното и семејно насилство прави жените да не се чувствуваат безбедно во сопствениот дом. Всушност, жената не е безбедна никаде, ни во домот ни на улица, таа е напаѓана и дискриминирана, а силеџиството и насилството продолжуваат и во институциите. Случаите на родово базирано насилство растат постојано и самите сме сведоци на секојдневните случаи во билтенот на МВР преку медиумите. Според мене, ова се и повеќе од доволно прични да се излезе на осмомартовскиот марш утре во 13 часот, но и жените солидарно да ги бојкотираат домашните обврски и големите маркети и трговски центри, поради кризата и сиромаштијата која секогаш има женско лице – изјави Стевковска.
Утре, на 8 Март, Меѓународниот ден на правата на жените во 13 часот пред Универзална сала ќе започне годинешниот марш.
Во повикот за поддршка и учество на маршот, се наведува:
Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
Ако, сепак, ја земеме ружата како симбол на женската самоодбрана, активност и влијание, тогаш не можеме да останеме глуви и неми на угнетената позиција во која се наоѓаме. Овој систем на нееднаквост и надмоќ се храни од женската слобода и труд.
Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне: нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту смее да земе слободен ден од работа во маркет; како земјоделка, нема право на породилно отсуство, а ниедна мајка сè уште не може да го сподели родителското отсуство со таткото. Мајката не може да најде ниту градинка што е доволно блиску, а пак на бремената жена ѝ се заканува отказ и/или кариерно уназадување. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување.
Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места.
Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат…
И покрај сето ова, ние жените и понатаму на грб ги носиме семејствата и заедниците. Без нашиот труд, светот би застанал. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал без нас ниту еден ден.
Затоа овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот кој ќе ја покаже тежината што со себе ја носи женската родова улога.
Како ќе го правиме ова?
На 8 март (сабота) колективно ќе ги бојкотираме големите маркети, ланци и трговски центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција! Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување.
За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи.
За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.
Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности.
Овој 8 Март мажите ќе ја поддржат борбата за родова еднаквост со тоа што ќе му се приклучат на женскиот бојкот на маркети и трговски центри, ќе ги преземат домашните обврски и ќе маршираат заедно со нас.
Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден.
Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ и повикуваме на ЖЕНСКИ МАРШ – за слобода и автономија од силеџискиот систем!
Лени Фрчкоска