Зошто Ормутскиот теснец е едно од најважните места за светската економија?
Ормутскиот теснец е тесен морски премин на излезот од Персискиот Залив и претставува клучна точка за светската трговија со нафта. Околу една четвртина од вкупната светска трговија со нафта поминува низ него секој ден, што го прави еден од најважните трговски патишта на планетата.
Теснецот се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, а во најтесниот дел е широк само 33 километри. Низ него, бродовите го напуштаат Персискиот Залив кон Оманскиот Залив и понатаму кон светските пазари. Откако конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше пред една недела, високи ирански функционери постојано се закануваа дека ќе го затворат Ормутскиот теснец.
Аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека затворањето на Ормутскиот теснец би можело да ги подигне цените на нафтата над 100 долари за барел. Според податоците од Меѓународниот монетарен фонд, секое зголемување на цената на нафтата за 10% ја зголемува инфлацијата во развиените земји за околу 0,4 процентни поени.
Иако заканата од затворање е сериозна, многу аналитичари истакнуваат дека тоа би бил исклучително радикален потег. Иран со тоа би ризикувал конфликт не само со западните земји, туку и со клучните економски партнери како што се Кина, како и со соседните извозници на нафта – Катар и Обединетите Арапски Емирати – кои исто така зависат од слободниот премин низ теснецот.
Ормутскиот теснец е едно од најчувствителните геополитички места во светот – секое нарушување на неговиот сообраќај може да има непосредно и сериозно влијание врз глобалната економија.
Рубио: Затворањето на Ормускиот теснец би било уште една ужасна грешка
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во понеделник ја повика Кина да изврши притисок врз Иран да не го затвора Ормускиот теснец по нападот на Вашингтон врз иранските нуклеарни централи. Рубио го упати повикот до Кина во емисијата „Sunday Morning Futures with Maria Bartiromo“ на Фокс њуз, откако иранската телевизија Прес ТВ објави дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормускиот теснец, низ кој течат околу 20 проценти од светската нафта и гас.
„Ја повикувам кинеската влада во Пекинг да ги повика за ова бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот теснец за нивната нафта“, рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност.
„Ако го сторат тоа, тоа ќе биде уште една ужасна грешка. Тоа е економско самоубиство за нив ако го сторат тоа. И ние задржуваме опции за справување со тоа, но и другите земји треба да го разгледаат тоа. Тоа би им наштетило на економиите на другите земји многу повеќе отколку на нашите.“
Рубио рече дека затворањето на теснецот би претставувало огромна ескалација што би барала одговор од САД и другите. Кинеската амбасада во Вашингтон сè уште не коментирала.
Американските претставници изјавија дека ги „уништиле“ главните нуклеарни постројки на Иран користејќи 14 бомби за уништување бункери, повеќе од дваесетина ракети „Томахавк“ и над 125 воени авиони. Нападите претставуваат ескалација на сегашниот конфликт на Блискиот Исток.
Техеран изјави дека ќе се брани „со сите потребни средства“. Рубио денес го предупреди Техеран да не презема одмазда, велејќи дека таквата акција би била „најлошата грешка што некогаш ја направиле“ и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран.
Извор: Независен