Зошто победи Доналд Трамп?

Големината на победата на Доналд Трамп изненади многумина. Дури и ако анкетите подолго време покажуваа извесна предност за неговата кампања, фактот дека победи во Северна Каролина, ја врати Џорџија, и го проби таканаречениот „Син Ѕид“ (традиционални држави со поддршка за Демократите), беа големо постигнување, и нешто кое на анкетите не се гледаше. Неговите резултати се подобри дури и од оптимистичките очекувања кои ги соопштуваа стратезите на Републиканците, особено во однос на излезноста на мажите и задржувањето на женските гласачи. На пример, скокот на поддршката кај Латино гласачите во неколку клучни држави беше огромен, па дури и на национално ниво (кај Латино мажите, од 36% во 2020, на 54% во 2024). Подобри резултати имаше и кај гласачите со средно образование, кај афроамериканците во Пенсилванија и Висконсин, а притоа ја задржа поддршката кај жените. Се заедно, шокантно подобрување на резултатите кај сите географски и социодемографски групи, а кај гласачите кои излегуваат за прв пат, апсолутно мнозинство од 54%.

Зошто Доналд Трамп победи со толку голема маргина? Причините подолго време ќе ги анализираме, и можеби ќе се изгубат во анализите што неговата победа ќе значи за останатиот дел од светот, па мислам дека е важно да погледнеме некои од факторите кои придонесоа за тоа, додека не сме почнале да ги чувствуваме последиците и да се бавиме со нив.

 

Стравови и стратегија

Прво, постоеја повеќе клучни социо-економски фактори кои се прекршија во полза на Трамп. Демократите упорно се обидуваа да наметнат теми од типот на социјална правда, демократија, слободи и права, но изгледа дека поелементарните, побазични теми, сепак победија. Загриженоста за економијата и растечката инфлација, особено кај средната класа, беше победнички наратив за Трамп. Стравовите од зголемувањето на трошоците за живот и личниот економски статус, лесно ги победија поалтруистичките наративи на Харис. Потоа, очигледното преместување на гласачките бази, кај Латино гласачите, кај афроамериканците и особено кај гласачите кои прв пат излегуваат на гласање, во традиционално Демократските држави, значајно придонесе за победата, нешто со кое Демократската партија ќе мора да се занимава подолго време. Понатаму, проблематичниот прв кандидат на Демократите, Џо Бајден, за кого долго време се држеа „како слеп за стап“, ги чинеше многу, особено што Камала Харис никогаш не се огради од некои политики кои беа исклучително непопуларни. Ако на ова се додаде и стратегијата на кампањата на Трамп (малку поопширно подолу), која целосно ги „растури“ традиционалните медиуми преку софистицирани алгоритми за таргетирање и пролиферација на негативни наративи на новите и социјалните медиуми, не е чудо што допрел до исклучително голем број нови гласачи и ги мобилизирал за изборите.

Стратегијата на Републиканците (читај на Трамп) за изборите исто така беше подобра. Прво, тој точно процени дека на прашање на економијата ќе биде подобар од Харис и Бајден. Реалните бројки покажуваат дека на економијата на САД и оди релативно добро, но, условно речено, „себичните“, аспиративни наративи сѐ уште се посилни одошто општата состојба на економијата. Една од главните пораки на Трамп, особено во неопределените држави, беше дека инфлацијата и цената на енергенсите беа пониски под неговата администрација. Потрошувачката кошничка, особено кај средната класа во еден цел појас држави, е посилна варијабла одошто правата на абортус, на пример.

Второ, имаше силна локална кампања за криминал и безбедност. Агресивниот однос кон стапката на криминал и јавна безбедност, особено во државите од т.н. „Син појас“, му донесе дополнителна стратешка предност на Трамп. Традиционално, републиканските кандидати имаат подобра оценка за справување со криминал, и со пораст на стапката на кривични дела, особено во некои клучни градови (на пример Милвоки, Филаделфија, Атланта), како тренд, го наруши имиџот на Харис. Имајќи предвид дека ова прашање е од клучно значење кај некои традиционални поддржувачи на Демократите (урбаните центри, и особено, предградијата – каде живеат голем дел од клучните целни групи), ветувањата на Трамп за враќање на „редот и мирот“ беа исклучително ефикасни.

Клучна улога на дигиталните медиуми

Трето, Трамп најде успешна формула за привлекување на Латино гласачите. Тој, за разлика од Харис, која се обложуваше на традиционалната блискост со оваа социодемографска група, организираше софистицирана кампања свртена кон економски прашања и идеолошка мантра. Во Аризона, Невада, и Флорида, неговата кампања се фокусираше (на шпански) на нови работни места и враќање кон семејните вредности, заедно со поддршка за претприемаштвото и рестартирање на економијата. Се чини дека овие прашања, сепак, повеќе ги интересирале тие гласачи одошто апстрактната порака за заедништво на Харис.

Дополнително, враќањето на острата реторика против имиграцијата, во амбиент на загриженост за економските и социјалните последици на т.н. „политика на отворени граници“, му донесе на Трамп стратешка предност кај локалните заедници. По старата формула на „поголем католик од Папата“, претходните имигранти, веднаш по добивањето државјанство, уредно стануваат конзервативни по прашање на имиграција, штитејќи се од конкуренција. Така, Трамп направи пробив кај една клучна демографска група, која по сите логики, би требало да поддржува полиберална политика за имиграција.

На крајот, стратегијата на Трамп во дигиталните медиуми беше можеби еден од најголемите фактори за негова победа. Тој побрзо „фати приклучок“ со новите трендови на социјалните медиуми, и голем дел од своите ресурси насочи кон алтернативни медиуми, критикувајќи ги традиционалните медиуми како субјективни. Ова успешно функционираше во еден поширок амбиент на „социјален заговор“ и мантрата за „длабока држава“, и оформи огромен број верни поддржувачи на овие нови платформи (нешто за кое Елон Маск ќе биде исклучително благодарен).

Општо земено, кампањата на Трамп имаше подобар перформанс кај без малку сите клучни елементи на овие избори. Додека Харис беше апстрактна и алтруистичка, Трамп беше конкретен и себичен. Додека Камала зборуваше за мир во светот, Трамп зборуваше за „Америка на прво место“. Додека Харис се бавеше со правата за абортус и демократија, Трамп вети затворени граници. Неговиот наратив победи. Што тоа говори за еманципацијата на гласачкото тело, особено во САД, допрва ќе сведочиме.

(dw)

 

Петар Арсовски Политички аналитичар и публицист

Back to top button
Close