Зошто заминуваат странските инвеститори од Македонија?

Странските компании во Северна Македонија се соочуваат со низа проблеми коишто ја отежнуваат нивната работа. Недостигаат инженери и стручни кадри, а проблем се и зголемените оперативни трошоци, бирократијата и  несоодветното постапување на институциите. Компаниите се незадоволни и од легалната несигурност и честата промена на бизнис регулативата, но и од судството.

„Ова е е новост – овие проблеми се провлекуваат низ годините“, вели Виктор Мизо, претседател на Советот за странски инвеститори. Тие спроведоа осумнеделната анкета меѓу поголемите странски компании во земјата, која покажува дека најголемиот дел од странските инвеститори не очекуваат да се зголеми бројот на вработувања, согласно економските случувања во Европа.

Компаниите имале за 38% зголемен обем на работа лани. Најмногу има зголемени потреби и порачки од странство и делумен трансфер на производство од други локации, како од Европа, но 62 проценти имале намален обем на работа и порачки од клиентите, а истовремено се соочувале со проблем да најдат соодветна работна сила.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите?

Анкетата покажала дека нема интерес за работа во индустријата, а постои и недоволна практична вештина и знаење за обавување на работата кај кадрите во Северна Македонија. Тоа што младите заминуваат од земјата и бараат работа надвор, е еден од главните проблеми за недостиг на стручна работна сила.

Но, кои се најголемите проблеми со кои се соочиле компаниниите лани – за 51% тоа е недостигот на квалификувани работници. Зголемените оперативни трошоци се проблем за 49 проценти од анектираните, на исто ниво се и бирократијата и несоодветното постапување на институциите, како и легалната несигурност и честата промена на бинзис регулативата. Како петта најважна работа е проблемот со судството.

Со анкетата се опфатени странските компании коишто инвестирале во северна Македонија. Станува збор за компании од САД, Канада, Велика Британија, Австрија, Белгија, Германија, Турција, соседните земји, но и од Русија, Кина и Тајван. дел од компаниите се лоцирани во зоните за развој, а 53% се надор од нив. Осумдесет проценти од нив се насочени кон регионалниот и глобалниот пазар, додека за 20 проценти работат на домашниот пазар.

Компаните кои учествувале во анкетата вработуваат над 40 илјади луѓе. Досега тие имаат инвестирано над четири милијарди евра во домашната економија од почетокот на нивната работа,  а само лани се инвестирани над 270 милиони евра. Исто така 93% од обртот на компаниите е од извоз.

Ќе има ли намалување и отпуштање на работници?

Повеќето од анкетираните компании очекуваат дека нема да се зголемува бројот на вработувања, согласно моменталната економска клима во Европа. „Намалување на број на вработени не е отпуштање, туку нема да се пополни работното место ако некој замине или нема да има продолжување на договорот“, вели Мизо.

Иако има и позитивни примери со зголемен број на нарачки, во просек се очекува намалувањата на нарачките да се движат од десет до 25 проценти.

Костал
Фотографија: Kostal

Кои се барањата на компаниите?

Во анкетата, компаниите биле прашани колку се задоволни од инфраструктурата во земјата? Околу 30 проценти рекле дека не се задоволни од инфраструктурата, за разлика од лани кога анализите покакажале дека 37% не биле задоволни, со што се забележува мало подобрување. Делумно се задоволни отприлика ист процент, и задоволни се 18% , што е речиси двојно зголемување во однос на лани.

Годинава најголем број или 45 проценти од компаниите побарале дополнителни услуги за поддржка на нивниот бизнис и вработени (јавен превоз до локацијата каде се сместени, услови за противпожарни бригади, системи поврзнаи со логистина, детски градинки, банки и слино). Бидејќи до повеќето компании во зоните нема јавен превоз, компаниите мора самите да го организираат тоа. „Некои од барањата се реални потреби на компаниите, бидејќи ваков вид на услуги имаат во другите земји каде што функционираат во Европа“, вели Мизо.

Од гледа точка на главните инфрастурктурните потреби, на прво место се пристапните патишта. Во многу случаи инфрастструктурата не е целосно завршена на дел од локациите каде што се наоѓаат компаниите, потоа недостигаат приклучоци до струја и гас, особено што гасификацијата не е присутна сегаде. Проблем е и општата инфтаструктура на патиштата и автопатите и конекциите со вода, канализација и атмосферска канализација. „Ова се релативно слични барања и на домашните компании, така што нема голема разлика во однос на условите коишто ги барат и едните и другите“, вели Мизо.

Странските компнаии сметаат дека би било добро да се креираат нов сет на мерки со кои и ќе се задржи постоечката работна сила и би се поддржале компаниите. Околу 49 од компаниите со странски капитал користат државна помош или аплицирале за неа, а 39 отсто од нив се пожалиле дека се соочиле со доцнење на овие средства.

Зошто заминуваат странските инвеститори?

Анкетата следи откако минатата недела беше најавено заминување на неколку странски инвеститори од земјата. Најавите беа дека компанијата Аптив, која вработува околу 500 луѓе, ја затвора својата фабрика во Бунарџик. Дополнително и компанијата Џонсон Мети, која исто така има долгогодишно присуство во Бунарџик, најавува намалување на бројот на работни позиции.

Стравувањата се дека преселбата на производствените капацитети во други земји, ќе остави стотици македонски граѓани без работа и егзистенција. Податоците на статистика покажуваат дека извозот на земјата во периодот јануари-ноември 2024 година е намален за 5,9 проценти во споредба со истиот период во 2023 година.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече процесот со заминување на странските компании ќе биде надминат и дека е загрижен дали ќе има доволно работна сила за сите предвидени инвестиции во државата.

Одговарајќи на новинарско прашање дека дел од странските компании ја напуштат земјава, а дел ги намалуваат капацитетите, Мицкоски рече дека процесот ќе биде надминат бидејќи во меѓувреме преговараат со дел од инвеститорите кои што се заинтересирани да инвестираат.

„Има и неколку нови компании кои што најавуваат отпочнување на инвестиција или отворање на нови производни погони, така што тоа е процес кој што е тековен. Ова компанија за која што вие кажавте не информираше пред неколку недели, оваа година тие ќе си работат тековно, нормално ќе си работат. Преговараме со дел од инвеститорите кои што се заинтересирани да инвестираат и многу брзо денеска ќе се надмине овој процес. Така што, јас повеќе сум загрижен дали ќе имаме доволно работна сила за сите оние инвестиции кои што се во процес на инвестирање“, рече премиерот.. (DW)

 

Back to top button
Close