2026 – годината на Конрад Аденауер

За Аденауер најважната цел била надминувањето на милитантната идеологија и спречување на повторувањето на војните. Пишува Кица Колбе
Германија 1965 | Конрад Аденауер со своите мемоари објавени непосредно пред неговиот 90-ти роденден
Конрад Аденауер со своите мемоари објавени непосредно пред неговиот 90-ти роденденФотографија: Keystone/Getty Images

„Блажени се миротворците, зашто ќе бидат наречени чеда Божји“ (Матеј 5,9)

Годината 2026, на чиј почеток стои 150-от роденден на Конрад Аденауер, му е посветена нему. Многубројни културни настани во текот на годината ќе бидат посветени на неговото животно дело. На келнјаните не им треба јубилеј за да се потсетат на најпознатиот келнјанин, нивниот сакан и почитуван Конрад Аденауер, пред војната градоначалник на Келн, а по неа првиот канцелар во новата демократска република, Сојузна Република Германија, зашто тој е присутен насекаде во келнското секојдневие.

Келн и Аденауер: Град кој го чува сеќавањето на својот најпознат син

Јубилејот започна со миса во Келнската катедрала на 4 јануари, еден ден пред роденденот на Аденауер на 5 јануари. Роден е во 1876, во центарот на Келн, во квартот Маврициус, како трето од пет деца во католичко семејство, но пораснал и живеел со фамилијата во Келн-Линдентал. Крај големиот парк „Stadtwald“ се наоѓа неговата куќа во која живеел сѐ до војната, кога нацистите му ја конфискувале.

Германија Бон 1898 | Студентот Конрад Аденауер за време на студентските денови
Аденауер во своите студентски години (Бон, 1898 година)Фотографија: dpa/picture alliance

Татко му бил чиновник во судот, така што не зачудува што Конрад студирал и докторирал правни науки. Како почитуван келнски адвокат, пратеник во градското собрание за партијата „Центар“ (Zentrum), од 1917 до 1933 година бил градоначалник на Келн. Националсоцијалистите го избркале од должноста во 1933-тата. Уверениот католик во војната живеел во „приватен егзил“, постојано следен од Гестапо.

Прогонот од нацистите и страдањето на неговата фамилија

По неуспешниот атентат врз Хитлер од групата околу офицерот, грофот Фон Штауфенберг, во 1944 година, Аденауер е затворен во затворот во Браувајлер, близу Келн, кој бил филијала на логорот во Бухенвалд. Но успеал да избега и да се скрие во еден католички манастир во Ајфел. Затворена и измачувана била и неговата жена Аугусте, која по долга тортура признала каде се крие мажот ѝ, откако Гестапо се заканил дека ќе ги депортира нивните деца во логор. Откако во 1944 била пуштена на слобода, се обидела да се самоубие; останала жива, но со тешки последици по здравјето, поради што по четири години — во 1948 — починала.

Аденауер беше канцелар во клучните години од основањето на СРГ, од 1949 до 1963. Тој беше претседател на парламентарниот совет, кој од 1948 до 1949 година ја раководеше изработката на првиот германски демократски устав. На 15 септември 1949-тата беше избран за прв канцелар на новата сојузна германска држава по војната, при што имаше клучна улога во поставувањето на темелите на нејзиниот демократски политички систем.

Германија, Бон 1949 | Положување заклетва на Конрад Аденауер како прв сојузен канцелар
Конрад Аденауер полага заклетва како прв сојузен канцелар (Бон, 1949 година)Фотографија: BPA Vollrath/dpa/picture alliance

Бизмарк, Версај и наследениот непријател

За него најважната цел била надминувањето на милитантната идеологија и спречувањето од повторување на војните. Како келнјанин, тој добро ја познавал сложената историја помеѓу Франција и Германија. Во 1794 година француската армија го окупирала Келн и Рајнската област цели 20 години, сѐ до 1814-тата, кога уследила пруската власт. Аденауер е роден во времето на Германскиот Рајх и на Бизмарк.

Само пет години пред неговото раѓање, во војната меѓу Франција и Прусија, во 1871, во дворецот Версај — во екот на војната — во „Салата со огледала“, симболот на француската кралска власт, Бизмарк го прогласи Германскиот Рајх. Генерацијата на таткото на Аденауер во тоа уште гледала неостварен сон за обединувањето на германскиот народ, не согледувајќи дека тој симболичен чин на длабока навреда на францускиот народ нема да заврши без нови војни. Бизмарк го славел тој чин во националниот наратив како резултат на „крв и железо“, на оружје, војна и пролеана крв.

Кај францускиот народ загубата на Елзас и Лотарингија на децата во училиштата им се пренесувала како најболна национална траума. Тоа ја зацврстило сликата за „наследениот непријател“ од другата страна на Рајна.

Речиси четири века Германците и Французите се воспитувани во тоа милитантно клише. Затоа не прекинала низата на војни помеѓу двата соседни народа сѐ до крајот на Втората светска војна. Таа крвава низа можела да заврши со Првата светска војна, доколку по неа германскиот народ не се чувствувал толку понижен од примирјето склучено во Версај во 1919, кое го сметал за диктат поради загубените територии и огромните репарации. Намерата на Франција била Германија да биде толку силно погодена што никогаш повеќе да не може да помисли на нова војна. Набрзо потоа, во 1923-тата, Франција ја окупирала Рурската област — срцето на германската индустрија. Тоа само ја зголемило омразата на Германците кон Французите, а во Вајмарската република следеле немири кои на крајот, во 1933 година, го донесоа Хитлер на власт. А со тоа уследи стравотната катастрофа не само за еврејскиот народ и за сите окупирани народи во Европа, туку и за германскиот народ.

Историската средба на Аденауер и Де Гол: Почеток на нова ера

Аденауер уште како градоначалник на Келн пледирал за надминување на вековната омраза кон Французите, но духот на времето не бил на страната на миротворците.

Затоа, само девет години по изборот за канцелар, токму длабоко религиозниот католик Аденауер, на 14 септември 1958 година заминал на приватна средба со францускиот претседател Шарл Де Гол, водачот на француската „Резистанс“ против окупацијата на Франција од Хитлерова Германија. Историската средба била во приватната куќа на Де Гол во Коломбе-ле-Дуз-Еглиз (Colombey-les-Deux-Églises). Понудата за конечно надминување на минатото и отворање процес на помирување и пријателство помеѓу Французите и Германците потекнувала од Конрад Аденауер.

Престојот од два дена во куќата на Де Гол завршил со длабока увереност на двајцата државници дека е дојдено времето да се надминат војните и омразата помеѓу двата народа. Тие договориле постојани консултации на двете влади и потпишале коминике во кое биле зацртани главните точки на мировниот процес. Темелот на нивното пријателство бил нивната обединетост во католичката вера, врските на двата народа со кралството на Карло Велики и со европската култура, како и нивното лично сознание за апсурдноста на војните.

Конрад Аденауер и Шарл де Гол
Конрад Аденауер и Шарл де Гол во Париз, во 1963 годинаФотографија: United Archives/IMAGO

Четири години подоцна, во 1962, во катедралата во Ремс — која често била бомбардирана од германската војска — двајцата државници присуствувале на „мисата за мир“. Во еден од безбројните извештаи за тој трогателен настан се вели дека двајцата католици како да сакале симболично Бог да биде сведок за нивните искрени стремежи за мир и пријателство.

Елисејскиот договор: Политичко пријателство кое ја промени Европа

Една година потоа, на 22 јануари 1963, во Елисејската палата во Париз двата државника го потпишаа договорот за мир, пријателство и соработка. Секои десет години новите германски канцелари и француски претседатели ја потврдуваа и ја надградуваа својата верност кон тој договор. Познато е дека од 1958 до 1963 година дошло до 15 средби на Де Гол и Аденауер, во кои тие поминале во разговор повеќе од 100 часа и размениле 40 писма.

Германија Спомен-плоча | Споменик на Аденауер и Де Гол, помирување на Германија со Франција
Двајцата државници биле уверени дека е дојдено времето да се надминат војните и омразата помеѓу двата народа (фото: спомен-плоча на Аденауер и Де Гол)Фотографија: Siegfried Grassegger/imageBROKER/picture alliance

Француско-германското пријателство ме фасцинира уште од првиот миг на мојот живот во Германија. Затоа што од историјата на сите војни на Балканот ми беше јасно дека спиралата на омраза не може да се запре поинаку, освен со промена на сликата за тие што во историјата сме ги доживеале како наши непријатели. Тогаш уште не можев да си замислам дека во Југославија, во која бевме воспитани во духот на „братството и единството“, може да дојде до војни меѓу некогашните братски народи.

Подоцна, кога пропадна Источниот блок и Советскиот Сојуз, се надевав дека конечно и народите во Источна Европа ќе се откажат од милитантната реторика и дека ќе почнат да учат од европскиот мировен процес. И денес се прашувам: зошто цар Самуил или Гоце Делчев не би можеле да бидат симболи на пријателство меѓу Македонците и Бугарите? А одговорот ми е јасен: затоа што во балканските историски наративи и ден-денес работите кои би можеле да нѐ обединуваат се користат за омраза кон соседот.

Зошто во сличноста на македонскиот јазик не се гледа одлична шанса за пријателство и запознавање меѓу Бугарите и Македонците? По распаѓањето на Југославија беа кодифицирани и црногорскиот и босанскиот јазик, а тие се уште поблиску до српскиот и хрватскиот отколку македонскиот до бугарскиот. Тоа е позитивен факт, затоа што секој нов јазик е јазично богатство.

Кирил и Методиј и заборавената порака за љубов и мир

Да нѐ видат од некаде Светите Кирил и Методиј со колкава омраза се однесуваме едни кон други ние, христијанските православни народи, ќе им биде јасно зошто меѓу нас уште нема личности како Аденауер и Де Гол. Со својата мисија, Светите Кирил и Методиј, со мисата во Рим на црковнословенски, го легитимираа тој јазик како достоен на него да се проповеда Евангелието.
А какви плодови на љубов и меѓусебно пријателство „родивме“ ние, нивните горди наследници, кои брзо ја заборавија пораката од Евангелието (Матеј 5,9): „Блажени се миротворците, зашто ќе бидат наречени чеда Божји“?(DW)

Кица Колбе 

Back to top button
Close