360- Државни пари за здруженија и фондации – кои се добитниците и имаат ли релации со власта
„360 степени“ ги истражуваше врските на дел од поддржаните организации со актуелни и поранешни функционери, но и што ветиле дека ќе реализираат со државните пари – од јазични работилници до поткасти за борба против корупцијата
Иван Стоилковиќ, како тогашен шеф на владиниот ресор што ги поделил 290-те илјади евра, тврди дека не можел да влијае врз изборот и дека ги потпишал најдобро рангираните проекти. Слични сомнежи за распределбата на парите за невладини го следеа и неговиот претходник во овој ресор Артан Груби
На 4 март Министерството за односи меѓу заедниците го објави годинашниот јавен повик за финансирање здруженија и фондации. Три месеци подоцна Владата ја потврди одлуката – кои организации ќе поделат околу 290 000 евра одвоени од потпрограмата за промоција на меѓуетничките односи.
Поддршка добија 36 организации. Овогодишниот процес почна и заврши во мандатот на тогашниот министер Иван Стоилковиќ.
„360 степени“, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара и доби документи за дел од поддржаните проекти. Проверивме кој стои зад организациите и какви точно активности ќе спроведуваaт со пари од државата.
Доколку се погледне годинашната листата на добитници на пари од Министерството за односи меѓу заедниците, не е изненадување што најголем број се од Скопје.
Од 36 поддржани организации, 20 се со седиште во главниот град. Но, впечатливо е тоа што втори и значително пред другите се организациите од Куманово. Тие добиле 5 проекти. За споредба, Битола има 3, Тетово и Струмица 2, а Кичево, Штип, Дебар и Делчево се со по 1 поддржана организација.
Куманово е родниот град на Иван Стоилковиќ, човекот што го предводеше Министерството за односи меѓу заедниците во моментот на распределбата. Тоа беше и повод подетално да ги разгледаме кумановските организации.
Еден од добитниците е медиско-информативниот центар СРБИ.МК, Куманово. Ова здружение е основано во 2024 година. Проектот им е насловен „Мостови на јазикот и културата“, а напишале дека целта на организацијата е зачувување, промоција и унапредување на српскиот јазик, култура и традиција, преку активно вклучување на младите. Дополнуваат дека тоа би го постигнале преку трибини, како и посети и работилници во 5 основни и средни училишта во Североисточниот плански регион, каде што се одвива настава на српски јазик.
„Резултатите и содржините од активностите ќе бидат објавувани на порталот на здружението што ќе овозможи поширока достапност, видливост и долгорочно влијание“,се вели во предлог-проектот.
До затворањето на оваа сторија, такви објави не најдовме на посочениот портал.
„Поради технички проблеми и затоа што проектот е во полн ек, уште не сме ги објавиле активностите, што во најбрз рок ќе биде исправено и објавено, а доколку ви треба може да ви испратам слики. Апсолутно се трудиме целиот проект да биде најпрофесионално спроведен, за што сум уверена дека ќе го покаже завршниот извештај“,
вели Мерима Тушевска од МИЦ „Срби.мк“.

На сајтот немаат објавено ниту импресум, а од податоците достапни преку Централниот регистар видлива е е-маил адреса во која се споменува презимето Тричковиќ. Во историјатот на лица во здружението, до март годинава, како сопственик фигурирал Мирослав Тричковиќ. Станува збор за актуелниот директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците – орган со состав на Министерството од каде „Срби.мк“ добила парична поддршка. Го прашавме Тричковиќ, дали ова може да значи дека додека е директор истовремено преку „Срби.мк“ аплицира за проект од ресорното министерство и до кога точно бил активен таму?
„Апсолутно, под полна материјална и кривична одговорност, изјавувам дека во времето на споменатиот јавен повик не сум дел од споменатото здружение и дека немам потпишано никаква апликација или сум учествувал во истата“,вели Тричковиќ.

КУД „Српски вез“ Куманово добиле 8 илјади евра за промоција на богатството на различности преку традиција и обичаи, а проектот се однесува на младите припадници на заедниците под 20% од општина Куманово и пошироко. Тој предвидува работилници за изработка на народни носии, сувенири и украси, како и запознавање со народни игри и музика на заедниците. Предвидени се и изложба и целовечерен концерт. Летово нивните простории во Куманово беа цел на вандалски напад. За случајот, видео објави токму министерот Стоиљковиќ, кој посочи дека просториите биле оштетени, а на ѕидовите биле испишани написи УЧК.
Дали и што од проектот реализирале, не може да се заклучи од нивните објави на Фејсбук, па ги прашавме.
„Дел од предвидените активности веќе се реализирани и соодветно медиумски проследени од страна на локалните медиуми. Дел од планираните активности се уште се во тек и ќе бидат реализирани во наредниот период. Завршната активност е планирана за 4 ноември 2026 година, при што и истата ќе биде медиумски проследена, со цел дополнителна промоција на проектот, неговите активности и постигнатите резултати“,велат од КУД „Српски вез“ Куманово.

Барајќи низ јавно достапните податоци, наидовме на уште едно звучно име. До март 2025 година овластено лице во КУД „Српски вез“ бил актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, а друштвото добило пари за проект од ресорното министерство и на ланскиот повик во јуни – само неколку месеци по неговото повлекување.
„По моето именување на јавна функција, беше потребно определено време КУД ‘Српски вез’ да најде соодветна замена и да спроведе соодветна постапка во рамките на здружението. Набргу потоа беше одржано Собрание на КУД ‘Српски вез’, на кое за нов претседател беше избран Марко Младеновски… Моето повлекување од функцијата во КУД ‘Српски вез’ беше резултат на потребата од раздвојување на јавната функција од ангажманот во здружението, а не на каков било мотив поврзан со финансиската поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците“,вели Далибор Китановиќ – директор на Агенцијата за остварување на права на заедниците.

Веќе е завршен и проектот „Дигитална иднина за младите од Куманово“, чиј носител е Институт – Пулсот на демократијата. Предвидени биле обуки, стручна анализа, а во склоп на проектот се реализираа и поткасти.

Основач на организацијата е Енвер Саљихи, поранешен член на Државната изборна комисија од редовите на движењето БЕСА, кое сега е дел од владејачката ВЛЕН. Со оглед на поранешната функција, го прашавме Саљихи – дали неговата мината политичка кариера и поврзаноста со БЕСА, влијаела за неговото здружение да ги добие парите од државата?
„Проектот е целосно реализиран, со спроведени сите предвидени активности. Во рамките на главната активност, наместо планираните пет, реализиравме шест подкаст-епизоди. Во однос на мојот политички ангажман, сакам да истакнам дека по завршувањето на мојот мандат во ДИК во јануари 2021 година, целосно сум посветен на работата во невладиниот сектор и на докторските студии. Нашата посветеност и реализираните активности се видливи и преку објавите на нашите социјални медиуми“,вели Салихи.
Не се од Куманово, но елементи за можна поврзаност со власта може да се препознае кај уште два проекта. „Прозбори да видам кој си“ – гласи насловот на проектот на Српска заедница во Македонија од Скопје. Целна група се ученици, a меѓу активностите се три летни работилници, уште две посветени на делата на Бранислав Нушиќ и Иво Андриќ, како и часови за убаво говорење српски. Наведена е и подготовка на дигитално ученичкo списание на српски јазик. На нивната Фејсбук страна, изминативе месеци многу малку се зборува за нивните проектни активности, но редовно објавуваат политички коментари.
Летово, порталот „expres.mk“ објави став на нивниот Регионален одбор – Куманово, во кој претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го нарекоа „политичка бљувотино“, „духовен изроду“ и слично. Реакцијата се должеше на прозивките на СДСМ дека Стоилковиќ ги брани руските интереси во земја членка на НАТО. Преписката предизвика реакции од опозициските партии од Србија – дека ставот на здружението, не е став на српскиот народ туку обид да се заштити позицијата на Стоилковиќ. Возврати претседателката на невладината, Гордана Јовиќ Стојковска.
Целата сторија на ноинарот Славица Филиповска ТУКА






