360° Прва отстапка од Софија за Скопје

Бугарската национална телевизија (БНТ) за вечерва го најавуваше документарниот филм „Само затоа што беа Бугари“, во кој се пренесуваат сведоштва за убиства на Бугари во Македонија кон крајот на Втората светска војна, што се коментираше како провокација во текот на посетата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Но, доцна попладнето БНТ ја смени најавата и објави дека ќе емитува друг филм во истиот термин. Дали ѕвонеле телефони и чии, ќе остане во сферата на шпекулациите

Се случи првата отстапка од Софија за Скопје. Јавниот сервис – Бугарската национална телевизија (БНТ) за вечерва во ударен термин најавуваше дека одново ќе го емитува документарниот филм насловен „Само затоа што беа Бугари“. Во филмот произведен пред повеќе од две децении се пренесуваат сведоштва за ликвидации на Бугари во Македонија во текот на јануари 1945 година. Па, коментарите што се слушнаа во политички кругови овде во Софија беа дека БНТ, очигледно, ја саботира посетата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, па и новиот пристап што сака да го промовира бугарскиот премиер Кирил Петков.

Од најавата на БНТ за документарниот филм „Само затоа што беа Бугари“

Но, изненадувачки, доцна попладнето на официјалната веб-страница на Бугарската национална телевизија ја снема најавата за овој документарец, а БНТ објави дека во тој термин ќе емитува друг филм.

Инаку, документарецот, кој многупати досега е емитуван на БНТ, зборува за еден јавно малку познат аспект од случувањата во Македонија кон крајот на Втората светска војна.

„Тие луѓе кои се стрелани тука, сите беа Бугари и сите беа видни луѓе.

Зошто ги убија тие луѓе?

-Ги убија само затоа што беа Бугари.

6 јануари 1945 г. Го нарекуваат Крвав Божик, затоа што не само тука, во околината на Велес, туку и Куманово, Скопје, Штип, Битола и други градови во Вардарска Македонија се потресени од масовни убиства за коишто и денес малку се знае“, се дел од сведоштвата и новинарската нарација во документарецот „Само затоа што беа Бугари“.

Со темата од документарниот филм е поврзано едно од т.н. пет плус едно прашање – она за бугарското барање за рехабилитација на жртвите на комунизмот. Во денешното интервју за бугарската телевизија Би-ти-ви, министерот Бујар Османи потсетува на Декларацијата што македонското Собрание ја донесе во 2006 година со извинување до семејствата на жртвите на комунизмот и вели дека државата сега е подготвена да ја реафирмира таа декларација, но и да дозволи пристап до архивите, отворање на поединечни случаи, па дури и нивно судско процесуирање, ако тоа го дозволуваат законите.

 

Back to top button
Close