Клековски во Кочани се сретна со повредени во пожарот во „Пулс“: Ги најавив можностите и следните чекори во нивното лекување
Министерот за здравство Сашо Клековски синоќа во Кочани се сретнал со повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ со кои разговарал за нивната состојба и натамошната грижа што им е потребна за опоравување од последиците од минатогодишната трагедија.

Момент од вчерашната средба на министерот за здравство Сашо Клековски со повредени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, кој се случи на 16 март 2025 г. во Кочани / Фото: Фејсбук-профил на Сашо Клековски
За средбата Клековски информира преку објава на неговиот официјален фејсбук-профил, во која вели дека државата е подготвена да помогне на, како што наведува, долги патеки.
„Ги најавив можностите и следните чекори“, вели министерот во објавата.
На средбата, како што наведува тој, биле присутни и д-р Катерина Мирчовска и д-р Гордана Георгиева, од работната група на Министерсвото за здравство, чија цел е да дадат оценка, советување, организација и следење на третманите на секој пациент.
„Тоа е основа за натамошна грижа приспособена на потребите на секој од нив“,наведува Клековски, додавајќи дека на средбата присуствувал и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.
Средбата Клековски ја најави минатата недела, а таа доаѓа по неговите посети на Белград и Софија, каде, како што изјави минатата среда, ќе има консултации со здравствените власти на двете соседни држави за прецизирање на деталите за натамошното лекување на дел од повредите во трагедијата во „Пулс“.
Какви детали конкретно се договорени, засега не е соопштено.
Во пожарот во „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година, беа повредени повеќе од 200 лица.
Од Министерството за здравство вчера сооштија дека ресорниот министер во Софија со својата бугарска колешка Катја Ивкова потпишал План за соработка меѓу министерствата за здравство на Македонија и на Бугарија за период од 2026 до 2028 година.
Како примарни области на соработка биле утврдени примарната и специјализираната медицинска заштита, болничката здравствена заштита, превенцијата и контрола на заразните и незаразните болести. Дополнително бил договорен и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство и соработка во други области од заемен интерес.
Од Здравство додаваат дека Планот за соработка претставува дополнителен чекор во јакнењето на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаења и добри практики и унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.
Клековски преку објава на Фејсбук информира дека по потппишувањето на Планост за соработка, со својата колешка Катја Ивкова ја посетиле Универзитетската акушерско-гинеколошка клиника „Мајчин дом“ во Софија. Таму биле пречекани од директорот проф. д-р Иван Костов, кој ги запознал со работата на клиниката.
Како што наведува министерот, станува збор најголемата акушерско-гинеколошка клиника во Бугарија, со околу 4 000 раѓања и околу 10 000 гинеколошки интервенции годишно. Клиниката располага и со најголем оддел за предвремно родени бебиња и десет операциски сали.
„Разговаравме за пренатална дијагностика и неонатален скрининг, урогинекологија, роботска гинеколошка хирургија и онкогинекологија. Разгледавме можности за соработка и размена во неонатологијата и роботската хирургија. Благодарност за отвореноста за соработка!“напиша Клековски на Фејсбук.






