Посетата на Клековски во Софија топ тема во Бугарија – Што напишаа медиумите за случајот со Ива Михаилова?
Министерот за здравство, Сашо Клековски, и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, вчера во Софија потпишаа План за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија за периодот 2026–2028 година, со кој се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес.

Во рамки на посетата на Софија, министерот Клековски го посети и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде се запозна со работата на установата и со современите практики во областа на мајчиното и детското здравје, особено во делот на неонатологијата и грижата за новороденчињата.
Неговата посета предизвика големо внимание кај бугарските медиуми, особено по случајот со Ива Михаилова.
Клековски се откажа од посетата на Ива во „Пирогов“ — бугарскиот медиум Lupa.bg објави на 19 октомври дека македонскиот министер за здравство Сашо Клековски не отишол во „Пирогов“, туку присуствувал на други активности во Софија, меѓу кои и потпишување план за соработка во здравството за периодот 2026–2028 година.
Ива Михаилова останува во „Пирогов“ до почетокот на следната недела за дополнителни испитувања – Нова.бг.
Случајот со Ива Михаилова започна откако 23-годишната кочанчанка, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици што се случи во октомври 2025 година на патот Кочани–Штип, замина во Бугарија за лекување во болницата „Пирогов“. Таа и нејзиниот адвокат тврдат дека границата ја преминале легално, додека македонските власти соопштија дека немаат евиденција за нејзино излегување од државата. По нејзиното заминување, судот ѝ определи 30-дневен притвор, а беше распишана и меѓународна потерница. Бидејќи Михаилова има и бугарско државјанство, Софија соопшти дека постојат правни пречки за нејзина екстрадиција. Случајот дополнително ги заостри односите меѓу двете земји, откако македонските власти реагираа на изјави на бугарски претставници, а премиерот Христијан Мицкоски најави дека прашањето ќе го отвори и пред меѓународните партнери.






