До 20 јануари осигурениците со бенефициран стаж треба писмено да потврдат дека остануваат во вториот пензиски столб; во спротивно средствата се префрлаат во ПИОМ
Осигурениците со бенефициран стаж кои сакаат да го задржат членството во вториот пензиски столб треба да поднесат писмена изјава најдоцна до 20 јануари 2027 година. Рокот започнува денеска, 20 октомври, а доколку не се изјаснат навреме, ќе им престане членството во задолжителниот пензиски фонд и средствата од индивидуалните сметки ќе бидат префрлени во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ).

На ова потсетува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), појаснувајќи дека можноста за избор се однесува на членовите на задолжителните пензиски фондови кои имаат стаж на осигурување со зголемено траење и по таа основа можат да ја намалат старосната граница за пензионирање за најмалку една година.
Обврската за поднесување изјава не важи за сите. Осигурениците кои во претходните години веќе доставиле изјава за продолжување на членството не треба повторно да го прават тоа, бидејќи нивното членство е продолжено врз основа на претходно поднесениот документ.
Доколку осигуреникот на кого се однесува оваа можност не достави изјава во предвидениот рок, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе му престане. Средствата од индивидуалната сметка ќе бидат префрлени во Фондот на ПИОМ, а осигуреникот ќе остане осигурен само во првиот пензиски столб, кој функционира врз принципот на генерациска солидарност.
Образецот за продолжување на членството е достапен на интернет-страницата на МАПАС, каде што може да се поднесе и електронска изјава. За таа да биде валидна, потребно е да биде потпишана со електронски потпис.
Од МАПАС посочуваат дека осигурениците треба навреме да се информираат дали се опфатени со оваа обврска и да постапат во законскиот рок, кој истекува на 20 јануари 2027 година.






