37-годишен скопјанец до смрт го претепал својот брат, поднесено обвинение

37-годишник од скопско Марино ќе одговара за обид за убиство на родениот брат. Го претепал со дрвена ногарка по глава, а ниту се обидел да му помогне додека тој лежел во локва крв.
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против едно лице, за кое од доказите произлегува основано сомнение за сторено кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19, односно извршено во обид, информираа од Јавното обвинителство.
Обвинетиот 37-годишник, при вршење семејно насилство во семејниот дом во Марино, со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата.
Иако брат му бил сериозно повреден од ударите и изгубил свест, обвинетиот воопшто не се обидел да му помогне, туку легнал да спие. Следниот ден утрото забележал дека брат му лежи на истото место во локва крв, но повторно го оставил, а настанот го пријавил дури неколку часа подоцна. На оштетениот му биле констатирани повеќе тешки телесни повреди со кои му бил загрозен животот.
Јавниот обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.






