Приватните специјализанти ќе добијат поголем надомест по избори, најави министерот за здравство

Освен покачувањето на надоместокот, како што рече Демири, тие ќе имаат и една обврска – да се ангажираат во секој регион од земјава каде што има потреба од нив.

„Сите приватни специјализанти добиваат надомест од 25 до 28 илјади денари и им се платени дежурствата. Дел од нив по објавувањето на изборите и по започнувањето на кампањата потегнаа иницијатива за да се зголеми нивниот надомест. Со задоволство би го направиле тоа и ќе го направиме по завршување на изборите. Ќе добиваат соодветна поголема плата, но и една обврска, без разлика дали јас ќе бидам министер или некој друг, да го дадат својот труд и ангажман во секој регион од земјава каде има потреба од нив“,

рече Демири во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Министерот за здравство посочи дека повеќе нема да се нудат специјализации според желби, туку само за кадрите кои се неопходни. Зборувајќи за ова Демири рече дека недостасуваат радиолози, хематолози, неонатолози, педијатри, патолози, специјалисти по микробиологија, епидемиолози.

„После изборите се надевам ќе се отвори можност да се направи реална проценка и конструкција кои специјализации приватно или државно ќе се отворат на државно ниво“,

рече Демири.
Инаку, приватните специјализанти денеска протестираа пред Министерството за здравство од каде што најавија дека поради сензитивноста на изборниот период, од утре привремено го ставаат штрајкот во мирување. Сепак, најавија дека секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред Интерните клиники за да потсетат дека не се откажуваат од нивните барања.

Back to top button
Close