Пандемиска, психогена кашлица по Балканите: никој не не сака, а сите не посакуваат!?

Никој не не сака, а сите не посакуваат!

Некаква, имагинарна, пандемиска кашлица по Балканите, среде вистинска уништувачка пандемија во која, ние, сме, per capita, апсолутните рекордери: официјално, вчера, 23 проценти од тестираните – позитивни!!!

Седум починати, јавното здравство со ПРЕБУКИРАНИ легла, а медицинскиот персонал бега во приватните болници!!!

Владата, доцна синоќа, со соопштение извести дека граѓаните на Република Северна Македонија нема да можат да патуваат во Србија, Црна Горна и Босна и Херцеговина без приложување на негативен ПЦР тест”!

-Владата на Република Северна Македонија ги известува граѓаните дека согласно влошувањето на состојбата со КОВИД-19 пандемијата во регионот и големиот број на нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР тест, кој не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји”, стои во владиното соопштение.

Нашите граѓани останаа помалку збунети. Во соопштението немаме објаснување, како владата ја донела одлуката за слободен влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР тест”?

Односно, дали претходно, бил договорен реципроцитет, или е во прашање некаква наша еднострана великодушност!?

Недоволно е објаснувањето дека “Владата и здравствените власти, согласно новонастанатата епидемилошка состојба во регионот, во деновите кои следат ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР тест”.

Владата, како што е најавено, ќе се состане утре, но, во нов формат – со On Line поврзување, на Зум апликацијата, информираше премиерот Заев.

Утрешниот ден не е толку далеку, ќе почекаме да видиме дали и што ново ќе соопшти владата, но, Министерството за надворешни работи и не мора да не држи во неизвесност до утре.

Министерот Османи, требаше уште синоќа да се огласи.

Имено, покрај дилемата за реципроцитетот (бил договорен, или, пак, не!?), кај граѓаните има сомнеж дека, ресорот за надвборешни работи, здравствените власти, односно Владата, можеби, сето ова го направиле за побезболно да се протне слободниот влез за косовските државјани? Таква мирудија, може да се намириса во изјавата на првиот вице премиер, Груби.

Инаку, ако намерата била некаков пакет за регионално поврзување, на што често укажува министерот Филипче, тогаш зошто Владата, ја нагласува можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР тест”?

Заедно со општиот апел: “граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба за тоа”.

Како и да е Владата и здравствените власти, судејќи барем по соопштението, се обврзаa “согласно новонастанатата епидемилошка состојба во регионот, во деновите кои следат ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР тест”.

Да почекаме, Владата да го преиспита, да го одврзе пакетот, за да видиме што од него ќе биде извлечено, а што ќе остане.

Не би сакал да типувам, иако знам дека многумина од читателите, однапред ќе го дадат одговорот!

Веле Митаноски

Back to top button
Close