Простување од пријателот, сограѓанин и содејник, Ахил Тунте
In memoriam:

Замина во вечноста уште еден охриѓанец, кој остави белег и печат на своето време: скромниот и тих Ахил Тунте.
Последниве неколку години доагаше во Охрид преку лето. Обично заседнуваше на некоја од клупите покрај езерото, најчесто, со брачната двојка Сершиќ.
Последната заедничка активност, ни беше летото 2018 година. Во Куќата Уранија (МАНУ), не случајно токму нему, му ја предаов личната архива како прилог во заоставнината на Киро Глигоров. Ахил беше првиот и со најдолг стаж – советник, на првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, Киро Глигоров.
Документи, фотографии, радиски снимки и друго, сето тоа поврзано со делувањето на Глигоров, собирано од 1975 година наваму – како известувач за македонски, тогашни – југословенски (ТАНЈУГ) и светски медиуми, како негов личен и семеен пријател, а по осамостојувањето на земјата – како пратеник и владин функционер.
Станува збор, за мноштво документи – новински извештаи за дневниот весник “Вечер”, поврзани со Глигоров – од 1995 до 1980, потоа фотографии и тонски снимки од гостувања на Глигоров на “Радио Охрид” и весникот “Езерски Глас” – до 1985, извештаи за тогашната југословенска новинска агенција Танјуг и печатени медиуми.
Тука се и документи за гостувања на Киро Глигоров во “Радио супер”, кое, практично, го отворив, со разговор со Глигоров, додека за одбележувањето на првата 5 годишнина, ни испрати подолга телеграма-роденденска честитка.
Тука се и тонски снимки и фотографии за промоцијата на книгата на Глигоров “Македонијa е се што имаме”, која ја организирав во Охрид, фотографии и колор негативи за официјалната посета на претседателот Глигоров на Бугарија, Хрватска и Романија, потоа фотографии и негативи од официјалните посети на германскиот и двајцата турски претседатели на Македонија – Демирел и Тургут Озал (Скопје – Охрид), како и фотографии и документи од лична природа.
Сепак, лично, Ахила ќе го паметам по една случка, навидум анегдота, но за мене од врвно животно и професионално значење. Погоре наведов што Глигоров ми значеше од аспект на Супер Радио. Животот намести ситуација да бирам мегу претседателот и пријател Глигоров и новинарската професија. Го одбрав второто, Ахил тука има своја улога.Во раните години од постоењето на Супер Радио (на 7 ноември влезе во 28-та година),случајот сакаше да ја откријам (провалам!)- тајната средба Глигоров-Милошевиќ, во Охрид.Преку полициската врска (тогаш така беше) два пати се јавував во вилата Биљана, на советничката, сега покојната, Снежана Османли. Си ја работеше работата како што треба, не ми даде потврда, ама не и демант!Третиот пат го побарав Ахила. Првин ми рече дека нема таква средба. Кога му реков дека сум готов да ја обелоденам, прецизно, дипломатски, ми рече: “прај што знајш!”,. Додаде: ќе се замериш со Претседателот! Направив како што знаев. Подоцна ми кажа, што им рекол Глигоров, кога му кажале:ТОЈ НЕКА СИ ЈА РАБОТИ НЕГОВАТА, А ВИЕ ВАШАТА РАБОТА! Останавме докрај пријатели, не беше едноставно, ама, понекогаш, вреди да се ризикува.: веста ја презедоа и најпрестижните новински агенции во светот (тогаш имаше професонално новинарство), повикувајќи се на “малиот ББЦ од Балканот!”.Сосема доволно за една професионална кариера.
Веле Митаноски






