Koстури од плакарот
Ние уште не успеавме да ги расчистиме сите костури од плакарот на злосторничкото здружение, а други почнаа да ги вадат нашите на виделина. И тоа никој друг туку баш „госпожа“ Захариева (белки ова „госпожа“ нема да се земе како говор на омраза?!) набројувајќи ни ги сите наши неисполнети очекувања од тој некаков договор за пријателство со нив. И тоа баш поименично ја спомнува културата каде ние, нормално, година и половина не сме ја потпишале спогодбата за културна соработка со источниот сосед. А ги викаме „братја“, „пријатели“… ама онака, на дистанца, и не сакаме да имаме ништо заедничко со нив. Дури ни во културата. Ама затоа имаме Македонски културен центар во Софија којшто функционира така како што „функционира“ – не по негова вина, се разбира! – како впрочем и уште еден, два во други земји, па дури и во Њујорк (бре, бреее)!

И сега, прво прашање: зошто не сме ја исфорсирале спогодбата за културна соработка со Бугарија, ама очекува(в)ме таа сесрдно да ни помага во нашите пристапни преговори со ЕУ? Има само еден одговор. Добро, можеби два. Првиот е: културата како да беше најпроскрибираниот збор во мината влада и во минатите три години! Зошто? Никој не знае, нема одговор. Освен Колективниот договор, сите други работи во културата останаа непипнати, „с’што като исто“ од времето на груевизмот. Само што ги сменија неговите директори, ама му остана целата прва постава во Министерството за култура, што ќе рече во најважниот културен бункер. И после сакате меѓународна соработка? Е па ете ви ја, сликајте се со неа. И второ: се слушна ли збор, барем „а“ за (не)работата на претходните двајца „министри“ за култура? Ги прашуваше ли некој на тие седници на Владата што всушност тие работат, со што се занимаваат во слободното време односно кога не ги делат парите според партиските им приоритети? Е после – немало спогодба. Па ќе нема, се разбира. Или, во обидот за некакви, какви-такви, реформи во културата во 2017 година, од Секторот за меѓународна соработка во фамозното Министерство беше побарана предлог-стратегија за меѓународната соработка во културата како битен приоритет во реформите. Знаете што се доби? Ништо, zero, nada, niente… барањето остана дури и без куртоазен одговор.
Оттука, со таква наша меѓународна културна „политика“ го добиваме ова што го добивме од источниот сосед – шамар. И тоа јавен, баш пред Европската унија! И тоа никој не може да им го забележи зашто како воопшто мислите да развивате некакво добрососедство, некаква меѓудржавна соработка, кога година и половина заборавате дека во некоја фиока ви стои незавршен документ за културна соработка? Иако, за волја на вистината, и без документ и со документ, македонската културна соработка можете да ја закачите на опашот на магарето. Она што го трениравме со државни пари, ама не го истренирале да решава и културни проблеми, нели. Зашто, кај нас, де факто, не постои такво нешто што може да се нарече меѓународна културна соработка. И со документи и без документи, зашто никој за тоа не се грижи, уште помалку некого го боли главата. Најмалку она Министерство надлежно за неа. Тоа и не знае што значи поимот културна соработка бидејќи таа, кај нас, зависи само и исклучиво од предлозите на институциите, здруженијата и поединците. Тие се нашите предлагачи и носители на соработката, тие самите одлучуваат со кого и како сакаат да соработуваа – Министерството за тоа нема своја стратегија! – во кои области итн. А всушност, ако некаде треба односно мора да се почувствува „државната рака“ во културата, тогаш тоа е таа меѓународна културна соработка. А не секаде кадешто ќе им прдне на памет на министрите или на директорите на институциите. Се разбира дека во таа „операција“ е важна и препораката на Министерството за надворешни работи (којашто де факто никогаш не се случува).
Или, ако сакате, да ја посочеше Министерството за култура во изминатите година и половина соработката со Бугарија како приоритет и да дадеше такви „инструкции“ до националните и локалните установи, па да се селктираат ударни програми и истите да се предложеа до Софија, ќе можеше ли „госпожа“ Захариева да се шепури како паунка пред ЕУ? Веројатно не, ама нашиве развиваа(т) соработка само со Албанија и Косово! Или, ако некој не верува, нека провери: колку програми сме имале во Бугарија (не сметајќи ги оние во Македонскиот културен центар), колку сме имале во Грција, во Србија, во Хрватска… во Франција, Германија… ? Бројките, за среќа, или за жал, не лажат. А ако пак погледнеме кој и каква „соработка“ развивал, нештата ќе ни бидат уште појасни. И посмешни. Тогаш од плакарите и шпајзовите ќе почнат да излегуваат колони костури, не ќе знаеме што да правиме со нив!
Златко Теодосиевски






