Delivery congratulation
После Софија, малку да се одмориме до состанокoт на ГАК (General Affaires Counsil). Кладилниците во нашата осиромашена држава растат како печурки после дождот, меѓу нив и политички. Сите нешто прогнозираат и како и заведените и заблудените играчи за жал не сфаќаат дека кладилниците постојат, газдата да се збогати. Брисел одлучува. Пресудува моментална политичка ситуација, односите на силите меѓу најмоќните во меѓународната задница, дозволеното, институционално лобирање во системот на ЕУ, ефикасноста на дипломатијата, посебно врските на највисоко ниво (видете кои ни се амбасадорите во Берлин, Париз, Лондон, а во Москва и Софија и немаме), аргументациите, фактичките позиции инкорпорирани во одлуки на влади или собранија. Од тој аспект гледнао, шансите ни се мали. Улогата на жртва не ни ги зголемува шансите за грешките направени од наша страна. Но да баталам прогнози. Никогаш не сум ни влегол во кладилница.

Да се вратам на насловот. Демократот Џ. Бајден. наскоро со своите политички и домашни миленици ќе се всели во Белата куќа. Ќе седне во овалниот кабинет. Дел од мебелот можеби ќе биде заменет од секако оправдани причини. Но, она што нема да се смени, тоа е надворешната политика на САД, која се проектира најмалку за половина век. Тука ќе застанам, бидејќи и нашите дипломати од Вашингтон испраќаат валидни информации и имаат тесни односи со американскиот политички естаблишмент, како своевремено се фалеше специјалистот за СТО, незабележителниот (а беше два мандати) ни ткн. амбасадор, кој во настапот во нашето Собрание, пред да се отисне на печалба, изјави дека приоритет му се добрите односи со сенаторите и конгресмените. Се разбира од тоа немаше ништо. Пред да поминам на честитката, да споменам дека во Софија од април оваа година немаме амбасадор. Дипломатските дострели на сегашните амбасадори во Париз, Берлин, Лондон не влеваат никаква надеж дека нашата позиција коже да се подобри. Да се влоши секако. Во споредба со дипломатски гарнитури на нашите соседи, ние сме во подредена положба. Посебно е алармантно, што во Вашингтон имаме ткн. Вршител на работите, на кој му е прва работа како дипломат во странство.
После секој избор на високо избраните личности се испраќаат честитки. Посебно кога се во прашање највисоките функции кај нашите стратешки партнери. Тука ние бевме коректни. Не истрчавме како прле пред руда. Но кога се во прашање честитките претеравме не само во содржините, туку и во личностите кои им ги упатија. Па така вице-премиерот за ЕУ , поранешен МНР Н. Димитров, на Бајден му упати честитка, небаре со него се сретнал 126 пати. Не можеше да се стрпи , како на свој поранешен колега, на идниот државен секретар на САД да му честита именување. Се огласи, со ништо непредизвикан, и Николовски, вице-премиерот за политички систем и односи со заедниците со честитка до новиот американски претседател. Во Кабинетот на претседателот на САД, честитките внимателно се анализираат и секако ќе бидат импресионирани со честитката на поранешниот Г.С. на СДСМ. Инаку со испраќање на честитки се чека до официјалното потврдување кој е победник, макар што тоа и сега е јасно. Недостасуваше честитки да уптати пратеникот Апасиев и градоначалникот Шилегов, кога веќе честитка упати и кремот на македонската дипломатија во самостојно прогласеното здружение на група граѓани кое се огласува на Совет на амбасадори. Нивната честитка многу ќе му значи на Џ. Бајден. Можеби ќе ја прифати поканата при евентуалната посета на СРМ (секако во конеткст на посетите во регинот на Западен Балкан) да настапи пред нашите ширум познати дипломати. Изненаден сум што С.К. не се огласи од Опатија по овој повод.
Упатување на честитки е работа на МНР на државата чии што дипломати прават драфт на честитката и се врши усогласување на носителите на надворешната
политика кој и со каква содржина ќе упати честитка. Честитките не се формални. Многу е значајно во кој момент се упатуваат. Веднаш, или предвремено како Орган, погрешно или подоцна. Сериозните МНР за тоа водат сметка. Со тајмингот на честитиктата се изразува, во првиот случај (одма или пред резултатот) потчинетост и севилност. Тие (честитките) треба да имаат пред се, политичка , а не лична порака. Честитките, а посебно одговорите се детектори на односите меѓу двете држави. Личната нота треба да се одбегнува, а посебно фразата “традиционално добри односи” посебно ако се упатени од држави кои само триесетина година се познати како самостојни субјекти. Важен е и тајмингот кога се упатуваат честитките, дали се тоа предвремена (како во случајот на Орбановата честика на театралниот Трамп) или пак меѓу првите или последните се дел од дипломатијата, која ние ја немаме. Ако побрзаме со честитката манифестираме понизност. Ако задоцниме есапиме дека ја утнавме работата. Најдобро е да почекаме. Ние не чекавме, што не мора да е грешка. Но, што е грешка. Грешката е ако се врзуваме за личноста, а тоа го правиме редовно. Личностите се значајни секако. Но нивната персонализација со нивните држави е погрешна. Повикување на личноста на еден истакнат политичар е погрешна. Борисов се најсвеж пример. Нашиот премиер го нарече брат, термин на генерацијата после деведесетите години, кои го експлоатоираат терминот “брате”, за пријател или криминалец. Во дипломатијата нема термин брате. Но тоа не е прв пат. Се сеќавам кога тогашниот млад МНР во ходниците на “Бајерише Хоф” во Минхен (Конференција за безбеност), трчаше да ја стигне А. Меркел, а која воопшто, до тогаш, не му го видела суратот, сметајќи дека припаѓаат на десни, конзервативни партии и дека тој самиот преку Фондацијата К. Аденаеур научил германски јазик, а потоа можеби и докторирал. Ниту ВМРО е конзервативна партија (не може бидејки во името содржи револуционарна партија) ниту е народна. Наместо терминот брате подобро прилегува терминот партнер, ама не во контекст на геј-популацијата. По мaкедонскиот, а и балканскиот табиет , брат и не е некој синоним за доверба. Ама одомаќен е и инспириран од оние кои немаат браќа. Политички ние на Балканот немаме браќа, макар не родени во поглед на политичката лојалоност. Затоа бадијала е нашето повикување на брате или пријател.
Се наоѓаме пред големи одлуки. Софија на 10 ноември, еден ден после Св. Димитар Солунски ни ги отвори очите за братските односи. На разговорите ни го прати Каракачанов, министер за одбрана, кој поради преводот на името има влашки корени. Но, тоа не е значајно, малцинствата во Бугарија и така не постојат. Ја немаше хубавата Блгарка Шеќерова. Тоа значи дека за Бугарите проблемот не е дипломатски, туку политички. Захариева смета дека дипломатска војна над слабиот противник е добиена. Зад нејзината теза стои БАН, бугарското Собрание (сите партии). Тоа се аргументи за Брисел. Кај нас Собранието на оваа тема не распарава ниту во Комисијата за надворешна политика. На официјалните бугарски документи не реагираме. Проблемот не пристигнува во Парламентот. Партиите врз него покажуваат патритозизам, односно недоверба во ставовите на политичките опоненти. Тоа не е решение. Последен пример со средбата во Берлин пред неколку дена и некаков нон-пejпер документ. До денес не е познато кој е креатор. Башка што нашите дипломати и не прават разлика меѓу нон папер, Ад Мемоар или нота и слични коресподенстки документи. Но сеедно, ние на таков виртуелeн нон-пejпер не реагиравме. Се надевам на наклоноста на големите кон жртвата и го чекаме ГАК на 17 ноеври. Далекu сме од анализи зошто Бугарија, токму сега, повлекува вакви потези. Нашиот непосточеки Штаб за планирање, за тоа и не може да разговара. Реагираме емотивно, можеби некогаш наликува на кванташко пазарење, ама во секој случај нашите позиции не делуваат уверливо. За разлика од Бугарите кои не се либат да објават и документи кои не одат во наша полза. Нашите ги чуваат како кубуrите во појасот за не дај Боже ако некогаш затребаат. Тоа не е тактика, тоа е пат кон поразот. Пак да завршам со честитки. Можеби за седум дена ќе честитаме на премиерот Заев, за футуристичката политика која директно не води во ЕУ, после дваесетина години преговори, на кои Бугарија во секоје поглавје може да стави вето, а Макрон после секое неуспешно преговорање по определена точка, да не врати на почетокот. Поради тоа, на батко Борисов да му поскаме успех на наредните парламентарни избори, бидејки е докажан наш пријател, а Бугарија пријателска земја, како се уште тврди сегашниот премиер на СРМ.
Ѓорѓи Мисајловски






