90. минута
Многу се израдував дека фудбалската репрезентација ја победи Грузија и постигна историски успех со квалификацијата на Европското првенство. Баш ни требаше една ваква експлозија на емоции во мрачнава и ковидосана 2020 година. И тоа баш пред петок 13-ти, ден пред да истече ултиматумот што ни го даде бугарскиот вицепремиер Каракачанов да станеме Бугари.

Успехот со квалификацијата ни дојде како гол во 90 минута.
Во вакви околности, разбирлива е и еуфоријата на премиерот Зоран Заев кој во 4.30 сабајле отиде до Блаце да ги чека фудбалерите. И на Артан Груби таман таму му беше местото. Не оти без него тапан не чука, туку и затоа што е квалификуван за вакви настани како поранешен водач на навивачката група Шверцери.
Е сега, малку ми е нејасно како течела владината дискусија за висината на наградата за фудбалерите? Дали на истата седница Венко Филипче плачел дека уште не му стигнале парите од кредитот за монтажните ковид болници?
Туку, дај уште веднаш да почнеме да штедиме.
Кога Владата посегнува по резерви од буџетот за да ги награди фудбалерите со по 10.000 евра, колку ли пари ќе ни требаат ако освојат некој медал? Ќе треба со нова еврообрзница да се задолжуваме. Оти, резервите се потрошија за квалификации. Влада е сериозна институција. Претпоставувам дека политиката не ја засноваат само на фејсбук статуси.
Дека одлуките што ги носат немаат за цел само да собираат лајкови. И дека кога ја носеле одлуката да ги чепнат резервите од буџетот за награда ги имале предвид сите околности околу здравствената криза и финансиската криза, па ги дефинирале приоритетите. Да се разбереме, фудбалерите ја заслужуваат наградата. Идната година уште повеќе да се радуваме и уште повеќе да ги наградиме. Пари треба да има и за амбулантни возила и за тестови, и за лаптопи, ама и за радост, и за новогодишно украсување, за награда за двоен Оскар, за Евровизија, за Дедо Мразовци, за диносауруси, за награди за ракометари, кошаркари и фудбалери, исто како и за зголемени плати на лекари и сестри.
Мала маана е што – пари нема.
…
Koлумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука






