Јунитејд: Хив позитивните деца ќе добиваат поевтин лек
Децата во земјите во развој, позитивни на ХИВ, ќе имаат пристап до лек кој е специјално приспособен за нив и е дури четири пати поевтин, соопшти денеска Јунитејд по повод Светскиот ден на ХИВ / СИДА.
„Станува збор за лек што се раствора во устата и има вкус на јагода, а во првата половина на 2021 година најпрво ќе биде дистрибуиран во шест африкански земји: Бенин, Кенија, Малави, Нигерија, Уганда и Зимбабве”, се додава во соопштението на светската организација која е задолжена за набавка на лекови за сиромашните и се стреми за намалување на цената на лековите потребни во процесот на лекување на СИДА, туберкулоза и маларија.
Цената на новата верзија на Долутегравир (ДТГ), специјално прилагоден за деца, по договорот со производителите на генерички лекови „Виатрис” и „Меклеодс”, ќе биде 120 долари годишно, наместо сегашните 480 американски долари, изјави Херве Верхусел, портпарол на организацијата што работи во партнерство со Светската здравствена организација (СЗО). )
Околу 1,7 милиони деца во светот се серопозитивни, но само половина од нив добиваат соодветна терапија. Околу 100.000 деца годишно умираат од ХИВ / СИДА низ светот.
Во моментов, 26 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ.