Грција со нов пакет за помош на домаќинствата и бизнисите во државата


Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави нов пакет од четири мерки за поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на меѓународна криза и зголемен притисок врз економијата, јави грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ.
Мерките вклучуваат можност за репрограмирање на долгот, построги правила за компаниите за управување со долгови, одржување на цената на лесното масло за греење под 1,75 евра за литар и зголемување на субвенцијата за дизел.
За време на состанокот на Советот на министри, Мицотакис изјави дека владата ќе го поддржи општеството без да ја загрози одржливоста на грчката економија. Според него, мерките ќе се разгледуваат на секои 15 дена во зависност од развојот на ситуацијата.
Првата мерка предвидува поединците и компаниите со неплатени долгови да можат да ги плаќаат на повеќе месечни рати – до 120 наместо претходните 72. Минималната месечна рата ќе биде 30 евра. Построги правила се предвидуваат и за компаниите што управуваат со побарувања. Целта е да се заштитат чесните должници од присилна продажба и заплени, се наведува во информацијата.
Во однос на горивата, владата планира да ја задржи цената на лесното масло за греење под 1,75 евра за литар. Понатамошни детали се очекуваат пред 15 октомври, кога започнува грејната сезона.
Државната субвенција за дизел гориво се зголемува од 10 на 15 евроценти за литар. Според владата, рафинериите ќе обезбедат и свои попусти, така што вкупното намалување на цената за потрошувачите на бензинските пумпи ќе достигне 20 евроценти за литар. Мерката ќе стапи на сила во првата половина на октомври.
Мицотакис, исто така, рече дека пошироките мерки за справување со кризата мора да имаат паневропска димензија. Грција предлага на земјите-членки на ЕУ да им се даде извонредна фискална флексибилност поради сегашната криза. Премиерот објави дека испратил писмо до претседателот на Европската комисија и претседателот на Еврогрупата во кое повикува на координиран европски одговор.

Back to top button
Close