Изгоре багер за изградба на стадионот на „Шкендија“, Беќири бара итна истрага

Багер кој се користел за изградба на стадионот на „Шкендија“ во Арачиново изгорел во пожар што бил пријавен во полиција рано утрово, околу 02:36 часот.
Во инцидентот нема повредени лица, а пожарот бил изгаснат од екипите на Противпожарната бригада на Скопје.
Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, смета дека настанот претставува обид да се попречи реализацијата на проектот за изградба на стадионот. Камен-темелникот за објектот беше поставен минатиот петок.
Беќири преку објава на Фејсбук побара случајот што поскоро да биде целосно расчистен и одговорните да се соочат со правдата.
Тој порача дека инцидентот нема да ја запре изградбата и дека работите на терен ќе продолжат. Според него, стадионот на „Шкендија“ ќе биде завршен, додавајќи дека нема да отстапи пред, како што ги опиша, притисоците, заканите или обидите за попречување на проектот.






