Пендаровски: Потребни се структурни реформи во образовнието, да вложуваме во професиите на иднината
Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на Самитот „Македонија 2025“ којшто за прв пат се одржува во хибриден формат и е посветен на состојбите во светот за време, и после глобалната здравствена и економска криза.
На панел дискусијата на тема „Претседателот и успешни млади: иновации и кодирање”, Пендаровски посочи дека се потребни структурни реформи во образовниот процес и инвестиции во истражување и развој, иновации и нови технологии, односно, да вложуваме во професиите на иднината.
„Ќе повторам една изрека којашто ја слушав и од моите наставници и професори, а тоа е дека најисплатлива инвестиција е инвестицијата во образованието”, истакна претседателот.
Во оваа насока, потенцираше тој, Самитот ,,Македонија 2025″ е придонес кон зајакнување на партнерството меѓу државата, науката, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.
Како позитивни примери претседателот Пендаровски ги посочи проектите ,,Таленти денес, лидери утре”, претседателскиот центар за политичко образование, како и „Успешни млади“, чија цел е да ја поттикнат научната и истражувачката работа на младите и да го вреднуваат нивниот труд.
„Младите научници, инженери и иноватори се столбот на развојот на секое стопанство. И затоа треба да создадеме услови, младите професионалци да ги заземат своите места во образованието, во институциите и во компаниите”, истакна Пендаровски.
Во однос на иновативните проекти коишто без презентирани од талентирани ученици од основни и средни училишта, претседателот рече дека тие се иднината на нашата земја.
,,За да ги подготвиме младите за професиите на иднината, потребно е да инвестираме во модерно образование, а клучни специфики на она што се нарекува Образование 4.0. е стекнување со иновативни, креативни и технолошки вештини”, заклучи Пендаровски.
Истовремено, како што додаде тој, од круцијално значење е поддршката од државата. Во спротивно, истакна Пендаровски, младите ќе немаат услови каде би ги развивале своите иновативни идеи.
Со денешната дебата заврши деветтото издание на Самитот „Македонија 2025”, којшто служи како платформа за споделување на знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот на Југоисточна Европа.