Министерката Божиновскa бара извинување од СДСМ или ќе покрене тужба

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска побара од СДСМ во рок од 24 часа јавно да ги повлече тврдењата за нејзина поврзаност со набавката на броила за ЕВН и да ѝ се извини. Во спротивно, најави дека ќе преземе правни чекори за заштита на својот углед и професионален интегритет.

Реакцијата на Божиновска следува по прес-конференцијата на СДСМ од 20 септември, на која опозициската партија изнесе тврдења за договор за набавка на броила за електрична енергија вреден околу 13,2 милиони евра. Според СДСМ, српската компанија „METER&CONTROL“ била избрана за носител на договорот со ЕВН Македонија, склучен на 11 август годинава. Партијата тврди дека „Rudnap Group“ се појавува во сопственичката историја на компанијата.

Од СДСМ ја поврзаа Божиновска со случајот преку нејзиниот поранешен професионален ангажман. Според партијата, таа во периодот од 2011 до 2014 година била извршен директор во компании на „Rudnap Group“ за Централна и Источна Европа, а била поврзана и со „Руднап ДООЕЛ“ Скопје, каде што била управител.

Божиновска категорично ги отфрли обвинувањата и тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна или приватна релација со „Руднап“. Таа негира и каква било вмешаност во конкретната набавка на броила.

„Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со ‘Руднап’. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби“, наведува Божиновска во демантот.

Министерката ги оцени наводите на СДСМ како невистинити и обвини дека станува збор за обид за политичка дискредитација. Таа тврди дека опозициската партија не понудила докази со кои би ја поткрепила нејзината наводна вмешаност во конкретната деловна зделка.

Божиновска порача дека политичката борба, според неа, не може да биде оправдување за изнесување тврдења со кои се нарушуваат нечија чест и професионален углед.

Поради тоа, од СДСМ побара во рок од 24 часа да ги повлече изнесените тврдења и јавно да ѝ се извини.

Доколку тоа не се случи, министерката најави дека ќе ги искористи расположливите правни механизми за заштита на својата чест, углед и професионален интегритет. Меѓу чекорите што ги најавува се судска постапка и поднесување соодветни пријави до надлежните институции.

СДСМ, пак, останува на своите тврдења за поврзаноста на „METER&CONTROL“ со „Rudnap Group“ и бара одговори за договорот за набавка на броила. Во соопштение објавено на 21 септември партијата повторно ја посочи Божиновска како врска со „Руднап“.

 

Back to top button
Close