Си-Ен-Ен: Бајден расте во популарноста кај Американците, Трамп драматично опаѓа
Поддршката на јавноста за новоизбраниот американски претседател Џо Бајден по изборите е зголемена за шест процентни поени, на 55 проценти, додека поддршката од јавноста за претседателот Доналд Трамп е опадната за три поени, на 42 проценти, се наведува во најновата анкета на Галуп.
Актуелниот рејтинг на Бајден е највисок од февруари 2019 година, два месеци пред да ја објави својата кандидатура за претседател, кога изнесуваше 56 проценти. Популарноста на Трамп заостанува зад највисокиот рејтинг за време на неговиот мандат, 49 проценти во април, за време на почетната фаза од пандемијата на коронавирусот.
Според овие податоци, Бајден сега е попопуларен отколку што Трамп кога и да бил за време на своето претседателство, односно откако ја почна својата кандидатура за претседател во јуни 2015 година.
Според Си–Ен–Ен, Трамп својот највисок поволен рејтинг во која било анкета го имал по победата на изборите во 2016 година, но и тогаш поволниот рејтинг му изнесувал 50 проценти, и тоа во анкета на „Блумберг њуз“. Тој, всушност, никогаш, во ниту една анкета, немал рејтинг поголем од 50 проценти.
Како споредба, Бајден тоа го сторил неколку пати во октомври, вклучувајќи ги и анкетите на Си–Ен–Ен, Фокс Њуз и Њујорк Тајмс.
Поволниот рејтинг на Бајден во моментов изгледа слично со оној на поранешниот американски претседател Барак Обама на почетокот на неговиот втор мандат, во 2013 година.