И, ќе ја изгубиме Македонијата
Каков смев би било тоа? Потсмевање? Хомерски? Злоба? Триумфален? Одмазднички?

Ако, на пример, Геринг, Химлер, Гудеријан, Паулус или некои слични на нив погледнат во пламенот на пеколот и видат дека Русите и Украинците се мразат и се борат меѓусебно, а германскиот канцелар ги помирува.
И, како би се забавувале султанот Абдул Азиз, Младотурците и Кемал Ататурк ако се кренат од гробот и видат дека денешна Бугарија одржува силни врски со Турција и е во војна со Република Северна Македонија.
А, доказ дека врските ни се многу побратски со Турците отколку со Македонците, не е само Турскиот ‘поток’, кој се преправа дека е Балкански, иако всушност е Руски ‘поток’. Доказ за тоа, на пример, е фактот дека Бугарија ги прекрши сите меѓународни и човечки закони кога му ги предаде на Ердоган неугодните, на неговата му диктатура, дејци, што Грција решително одби да го стори, иако е многу поранлива за странските бегалци кои Турција може да ги насочи кон нивната земја .
Турција ќе не преплави со бегалци-објаснување за срамниот чин на бугарските власти. Ах, или што друго беше, “не им биле во ред документите на ердогановите душмани”… Oд малските измамници ми дојде преку глава!
Не е важно кога точно Македонија започнала да се оддалечува од Бугарија, дали од времето на Самуил, или од времето на априлското востание, кое не воспостави македонски револуционерен округ, или откако Бугарија одби како држава да го поддржи Илинденско-Преображенското востание и Бугарите кротко и претпазливо гледаа како, многу блиску до нив, Османлиите ги колат нивните сонародници; набљудуваат и не се мешаат, зашто таква била меѓународна ситуација, зашто така биле поставени големите сили, зашто не му било баш сега времето; дали откако ја загуби Меѓусојузничката војна, дали откако се обиде да го завземе Цариград за слава на семејството Кобурготски, додека Србите и Грците ја окупираа Македонија, дали по загубата на двете светски војни, дали по самоволието на Коминтерната, што зорле ги натера оние што се чувствувале Бугари да се нарекуваат Македонци, ова е веќе не е важно, ова повеќе не е важно…
И Украина беше дел од Русија, и обете земји, Русија и Украина некогаш биле една словенска држава, зборувале на еден ист јазик, но сега Украинците си се посебна нација, тие си зборуваат свој јазик, а не дијалект на рускиот и сите обиди на путинистите да ги свртат работите само ја зголемуваат омразата кон сè што е руско.
Да, биле едно време Бугарите и Македонците еден народ, но веќе не се. Да, тие имале заеднички јазик, како што Шпанија, Италија, Франција и Португалија имале заеднички јазик, на пример, како што Украинците и Русите имале заеднички јазик, но со тек на време, дијалектите се повеќе стануваа одделни јазици, ова се учи во учебниците за основно училиште, во лингвистиката, но дури и да не се учи, толку ли е тешко да се разбере?
Кои се всушност националните цели што ќе ги постигнеме ако спречиме влез на Македонија во Европа? А, што ако тие не се согласат на нашите услови?
Постигнуваме децении омраза, постигнуваме продолжителен, ако не и долготраен раздор, ги туркаме соседите кон евроазиски должини и ширини, го навлекуваме на себе неразбирањето и презирот на развиените европски земји, ја охрабруваме србоманијата. Во исто време, се залажуваме дека сме покажале цврстина и сме ги бранеле нашите национални интереси. И, патем, ја консолидиравме моќта и влијанието на едно големо општонационално шкембе, меѓу другото.
Сега, да претпоставиме дека Македонија ќе кандиса на нашите услови / што тешко ќе се случи /. Што постигнуваме? Повторно го постигнуваме истото – омраза. Само што во официјалните и официозните документи наменети за европска употреба нема да има македонски јазик, туку „официјален јазик на Република Северна Македонија“. И влијанието на Европа ќе биде (можеби едвај) посилно од тоа на Србија и Русија.
А инаку, пак ќе си говорат Македонците на македонски јазик и за големината на нивната македонска нација. И ќе не мразат. Нас Бугарите и сè бугарско. Исто како што Украинците ја мразат Русија и сè руско. И, ние ќе се залажуваме дека сме се наметнале. Дека сме победници. Когу надвладеавме? Когу победивме? Никакви победници нема да бидеме. Ќе бидеме поразени. Зашто ќе изгубиме нешто можеби поважно од војните. Ќе го изгубиме мирот.
А инаку, бевме на пат да го спечалиме. Мирот. И речиси го спечаливме. Зашто влеговме во НАТО и Европа пред самозаборавените победници во Првата и Втората светска војна / мислам на Србите/. Бидејќи Западен Балкан допрва ќе се бори за она што ние веќе го постигнавме.
И, од каде ни идат сите овие бељи на глава? / не само овие /
Една од причините: Оставивме прашањата за националност, патриотизам, историја, култура и цивилизација да ги решаваат, примитивни и полуписмени политички измамници додека ние си се занимаваме со нашите, наводно, возвишени занимања. А не биваше да ги оставиме тие да решаваат. Зашто, настрана разликите во образованието, културата, писменоста и далекувидоста, кога ќе се стигне до војни и опасности во име на националните идеали, било да се тие неизбежни или погрешни, измамниците нема да одат под куршумите. Не оние скакулци кои се правеа ќорави за да не го служат воениот рок како Сидеров, на пример. / Воена служба, што е „прашање на должност и чест за секој бугарски граѓанин“. И не лажговци како Џамбаски кој се влечеше по студентските клупи цела деценија, само за да се спаси од касарната . / Што е „прашање на должност и чест за секој бугарски граѓанин“ /. И такви како него ќе се пенават по весниците, радиото и телевизијата, такви како Шкварек ќе гребат по социјалните мрежи и нема да го подложат на опасност својот скапоцен живот, Каракачанов нема да вее знамиња на фронтовите, тој е премногу обемен за тоа, ќе го вее стомакот некаде, некаде по штабовите на длабокиот тил.
И токму овие убавци и слични ќе ме нарекуваат национален предавник, ајде, сиктер бе, скакулци, кокошки, пердуви, регрути, зајаци, смачкани дишачи.
Имам право да зборувам на овој непристоен и јадосан начин, бидејќи ако има жртви, како и секогаш, ќе страдаат луѓе како мене, оние кои не бегаа од касарните и фатија ревматизам за време на вежбите и мобилизациите.
Имам право да зборувам не само поради мојата писменост, образование, култура и возраст, туку и затоа што дедо ми се бореше за Егејска Македонија, татко ми за таканаречената бугарска Македонија и дозволете ми да не прецизирам точно какви думи кажаа и што споделуваа по повод пишман шкембе патриотите и титуларните лажови. И, дозволете ми овојпат да не ги споделувам нивните спомени за некои наши настапи во „освоените ослободени земји“, зашто тоа на крај ќе биде кошмар.
Инаку, постои начин Бугарија да го зајакне своето влијание кај Македонците. Со економски напредок, култура, филмови, книги, добра, начин на живот, самодоверба, достоинство, напредок, ширина на погледите, но за сето ова се потребни не само способности кои на пример нашиот сегашен политички слој ги нема, но исто така и „запнување“, за кои истиот овој политички слој денес е неспособен.
И нека се напрегне да го употреби своето лабаво мозочно ткиво за намената да не го спречи влезот на Македонија во Европскиот сојуз, за да не сврши како Кобургготите и оние политички дворјани заради кои ја изгубивма Балканската и Меѓусојузничката и Првата светска војна, и Втората светска војна, на крај и самата Македонија. Доволно беше.
Иво Беров
Иво Беров е познат публицист од Софија. Текстот е превземен од “Интересни времиња”
превод: Мирјана Малеска






