„Призма“: Предводник на „Шверцери“ и пејач го советуваат вицепремиерот Груби

Омер Буњаку, предводник на „Шверцери“, и Шпат Касапи, популарен пејач, од 13 ноември годинава се советници на првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем, Артан Груби, пишува „Призма“.

Биографијата на Буњаку е кратка, има едвај 70 збора, а половина од нив се потрошени да се опише ангажманот како актуелен советник на Груби. Тој, наведува „Призма“ повикувајќи се на биографијата добиена од Владата, дипломирал туризам и менаџмент, директор е на фудбалскиот клуб Шкупи, а покрај македонски и албански зборува и англиски и турски јазик.

Пребарувањето на интернет за Омер Буњаку, пак, открива многу повеќе податоци.

„Особено кај Албанците, Буњаку е познат како предводник на навивачката група ‘Шверцери’, истата група чиј основач бил Груби. Има ‘сочно’ полициско досие и проблеми со законот од 2011 година. Сегашниот советник на Груби учествувал и во тепачките на Кале во 2011 година за изградба на црквата-музеј. Не само што учествувал, туку тогашниот заменик-министер за полиција, Џевад Бучи, привремено го ослободи, кога пред телевизиските камери му ги извади лисиците. Потоа неговото име се најде во пресудата за педесетина осудени за овие инциденти што ја вознемирија јавноста и долго ги разбрануваа меѓуетничките односи пред една деценија. По објавата на пресудата за осудените, јавно со осуда реагирале и Груби и лидерот на партијата, Али Ахмети“, пишува „Призма“ и додава дека понатаму тој бил осуден и на казна затвор за инцидент во еден бар во старата скопска чаршија.

Популарниот пејач Шпат Касапи од неодамна исто така влегол во кабинетот на Груби. Тој е син на експратеничката од СДСМ, Ѓумлсере Касапи, а на вицепремиерот му е советник за култура и општество.

„Во доставената биографија му пишува и дека „учествувал на повеќе настани поврзани со промовирањето на културата во Република Северна Македонија, но и во регионот“, иако не е напишано за какви настани станува збор. Освен македонски и албански, говори и англиски и турски јазик. Но, иако биографијата што ни беше доставена не е така обемна, многу пообемна е онаа биографија што ја има на Википедија, каде што пишува дека ја почнал музичката кариера од мали нозе, учествувал на многу музички фестивали, а освојувал и награди. Освен во Македонија, настапувал и во Албанија“,пишува Призма.

Целата сторија за советниците на Груби, но и за тоа кој ги советува и останатите вицепремиери Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски и Никола Димитров, прочитајте ТУКА.

Back to top button
Close