Светот во 2020: Доаѓа ли крајот на глобализацијата?
Светската трговија во последните години бележи огромни загуби, а 2020 година не беше исклучок, пишува Вол Стрит Џурнал.
Од светската финансиска криза во 2009 година, растот на светската трговија е бавен. Повисоките царини и трговските војни на администрацијата на Трамп исто така нанесоа удар. Обемот на трговијата падна во 2019 година, иако глобалната економија продолжи да расте.
Оваа година, со доаѓањето на пандемијата, трговијата го поднесе својот најтежок удар и падна за со 9,2 проценти, покажуваат податоци на Светската трговска организација.
Приливите и одливите во размената најчесто ги одразуваат промените во економскиот раст на светот. Затоа и прогнозата за следната година зависи најмногу од тоа дали светот ќе може да се извлече од пандемијата и да ја остави во историјата. Постојат неколку причини да се верува дека политичкиот одговор, како и зголемената загриженост за национална безбедност, ќе имаат долгорочен ефект во оформувањето – па дури и падот-на глобализацијата во иднина.
Глобализацијата – зголемувањето на светската трговија и инвестициите во светот – беше клучен двигател на глобалната економија меѓу 1990 и 2010 година. Но заедно со финансиската криза и таа тенденција запре. Според Светска банка, светските ланци за испораки, престанале да се шират по 2008 година.
Се забавија и економските реформи. За време на владеењето на Си Џинпинг, Кина усвои политики со кои ги зајакна државните претпријатија и локалниот развој на критичните технологии. Империјата полека почнува да се затвора во себеси. Извозот како удел во БДП се намали од 31 процент во 2008 година на само 17 отсто во 2019 година.
И Кина не е сама. Национализмот се претвори во моќна сила во многу делови на светот, а со тоа дојде и економскиот национализам. Индискиот премиер Наренда Моди почна кампања „Произведено во Индија“. Претседателот Трамп водеше политика „Купувајте американско“, па дури и новоизбраниот шеф на државата, Џо Бајден, кој е поотворен за слободна трговија, поддржува слични програми. Да не зборуваме за Брегзит.
Пандемијата веројатно ќе ги влоши овие постојни закани за глобализираниот свет. Многу земји се прашуваат дали не станале премногу зависни од други држави за увоз на лекови, на пример. Така, за време на пандемијата беа воведени привремени забрани за извоз на медицинска опрема поради недоволно снабдување на локалниот пазар. И иако засега промените воведени на политичко се релативно незначителни, ставовите се променија. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, смета дека коронавирусот „ќе ја смени природата на глобализацијата“, додавајќи дека „оваа фаза на глобализацијата го завршува својот циклус“.
Загриженост за безбедноста
На сето ова се додава и загриженоста за националната безбедност. Односите меѓу САД и Кина ce влошија затоа што Вашингтон почна да стравува за безбедноста на технолошките производи и почна да се прашува дали Пекинг не им наредува на производителите во Кина да остават „вратички“ за сопствен пристап. Така што не само што беа воведени царини, туку Вашингтон забрани купување на американски технолошки компании од страна на кинески компании.
САД не се сами во своите стравови, како што покажа дебатата околу опремата на Хуавеи. Јапонија исто така почнува да истражува како да ја намали зависноста од Кина и да произведува повеќе дома.
Кина, пак, почна да ја користи трговијата како оружје. Државите како Австралија паднаа под „оганот“ на Пекинг и открија дека спротивставувањето на политики на комунистичката партија води о забрана на трговијата „од здравствени причини“, нови царини или задржување на стоките на граница поради неочекувани „здравствени проверки“.
Комбинацијата од сите овие стравови и политики сугерира дека светот почнува да го менува правецот и одделните држави се движат кон самодоволност. Луѓето почнуваат да ја ценат безбедноста повеќе од ефикасноста.
Ова повлекување нема да стави крај на глобализацијата – процес што го достигна својот историски врв пред една деценија. Но делумно ќе се сврти, претскажувајќи тешка иднина.