ЦГК: Општинските советници чинат 3,5 милиони евра годишно – најмногу работат во Скопје, а најплатени се во Кичево

Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината

Услов за да се исплати „паушалот“ е во месецот да биде одржана барем една седница

Највисоко се платени советниците во Кичево, а најниско во Вевчани

Годишните трошоци за исплата на надоместоците за вкупно 1 319 советници на единиците на локалната самоуправа во земјава изнесуваат над 215 милиони денари, односно над 3,5 милиони евра.

Ова го покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации врз основа на податоците за 2019 година, добиени од општините и Градот Скопје, за висината на месечните надоместоци на советниците и бројот на одржани седници.

Највисок месечен паушал во Скопје, но и најмногу седници

Најголеми годишни трошоци за советниците од 214 илјади евра има Градот Скопје. Потоа следува Куманово со околу 115 илјади евра, а на следните три позиции се Тетово, Битола и Гостивар со годишни трошоци од околу 104 илјади евра. На дното се општините Новаци и Конче со по 16 илјади евра, Зрновци со околу 14 илјади евра и Вевчани со нецели 9 илјади евра годишни трошоци за советниците.

Анализата покажува дека само 12 општини не го исплатуваат максималниот месечен надомест што им го дозволува законот, а некои општини дури исплатуваат и поголем надомест од законскиот максимум (определен во член 29-б од Законот за плати и други надоместоци на пратеници во Собранието на РМ и други избрани и именувани лица во Републиката).

Согласно законот, месечните паушали се највисоки во Град Скопје и се во висина на просечната плата исплатена во државата во претходната година. Во останатите единици на локалната самоуправа месечниот надомест се утврдува како процентуален износ од просечната месечна плата во претходната година, но не повеќе од 40 % во општини до 10 000 жители, 50 % во општини од 10 001 до 25 000 жители, 60 % во општини од 25 001 до 50 000 жители и 70 % во општини над 50 001 жител. Претседателите на советите добиваат за 30% поголем износ на паушал од советниците.

Оттука, месечниот надомест за советниците на Град Скопје во 2019 година изнесува 24 276 денари, а на претседателот на Советот 31 559 денари. По општини, највисок месечен паушал имале советниците на Општина Кичево каде им е плаќано по 19 610 денари, а најнизок месечен паушал имале советниците на Општина Вевчани во износ од 4 855 денари.

Пониски во 12, над максимумот во 15 општини

Во 12 општини исплатувани се паушали кои се пониски од законски дозволениот максимум. Значително пониски паушали од дозволените се исплатувани во општините Вевчани, Липково, Василево, Студеничани и Зрновци. Кај следниве седум општини, паушалите се само за помалку од 10 % пониски од максималните: Делчево, Јегуновце, Новаци, Чешиново-Облешево, Арачиново, Ново Село и Конче.

Податоците се обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер (Извор: ЦГК)

Но затоа, 15 општини исплатувале паушали повисоки од законскиот максимум. Кај 10, станува збор за мали разлики од 1 % до 4 % и можат да се објаснат дека се од техничка природа, но кај пет општини станува збор за износи на паушалите кои се поголеми од максимално дозволените за 11 % до 18 % – Пробиштип, Врапчиште, Кичево, Могила и Карбинци.

Податоците се обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер (Извор: ЦГК)

Услов за да се исплати месечниот паушал на советниците е во месецот да биде одржана барем една седница на советот. А токму овде има и голема разноликост во однос на бројот на одржани седници на советите на општините.

На врвот е Градот Скопје со одржани 27 седници годишно, а на дното се Сарај, Студеничани и Пласница со по 9 седници и Центар Жупа со само 6 седници.

Според податоците до кои дојде ЦГК, ако исплатените вкупни пари по советник се стават во однос на одржаните седници, најплатени се советниците од Кичево, кои добиваат 18 102 денари по седница, а најмалку платени советниците во Вевчани по 4 855 денари. Советниците во Град Скопје кои земаат месечно највисоки паушали, всушност добиваат по 10 789 денари по седница.

Back to top button
Close