Студентите останаа без бесплатен превоз, ЈСП тврди дека картичките се блокирани поради можни злоупотреби

Голем број студенти во Скопје се соочиле со проблеми при користењето на бесплатниот јавен превоз, откако физичките студентски картички биле блокирани, а дел од нив останале без пристап и до дигиталните билети преку апликацијата „SkopjeBus“. Од „Студентарија“ реагираат дека причината е ненавременото усогласување на податоците меѓу ЈСП Скопје и универзитетите.
Според информациите објавени на социјалните мрежи, иако дел од студентите ги доставиле потребните податоци уште во октомври, не биле навремено известени дека картичките ќе им бидат блокирани. Некои од нив дознале дека не можат да ги користат дури при влегување во автобус. За само еден ден, 808 студенти пријавиле дека немаат пристап до бесплатниот превоз.
Студентите бараат ЈСП и универзитетите итно да ги усогласат и ажурираат податоците, да им овозможат пристап до дигиталните билети и да не ги казнуваат за административни и технички пропусти за кои не се одговорни.
Од ЈСП Скопје, пак, го отфрлаат како неосновано припишувањето одговорност на претпријатието за сите пријавени проблеми без претходна проверка на поединечните случаи. Оттаму нагласуваат дека преминувањето на дигитален пас не значи укинување на правото на бесплатен студентски превоз.
„ЈСП постапува исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци доставени од овластените лица определени од УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети, односно факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на доставените податоци се во нивна надлежност“, наведуваат од претпријатието.
Од ЈСП посочуваат дека при проверките биле утврдени погрешни адреси на е-пошта, обиди за инсталирање на ист дигитален пас на два уреда, што доведува до негово блокирање, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка. Блокирањето на досегашните картички, според претпријатието, има цел да спречи двојно користење и можни злоупотреби.
— реклама —
Од ЈСП додаваат дека бројот на пријави сам по себе не ја утврдува причината за проблемите ниту одговорноста за нивното настанување. Претпријатието наведува дека останува достапно за разрешување на случаите во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе нивните појаснувања.
„Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти“, порачуваат од ЈСП Скопје.






