Енвидија“ ги сопре испораките за кои Хуанг лобирал со месеци -стотици илјади чипови чекаат во Хонгконг

Компанијата „Енвидија“ ги запре испораките на лиценцирани чипови од генерацијата „Хопер“ за Кина, потврди привремената извршна директорка Колет Крес. Прекинот е објавен неполна недела по заминувањето на основачот Џенсен Хуанг, кој со месеци лобираше во Вашингтон за пристап до кинескиот пазар, објави Ројтерс.
Крес не го поврза прекинот со аферата или со заминувањето на Хуанг. Таа не објасни ниту дали одлуката е трајна.
Потегот е значаен и поради финансиската тежина на кинескиот пазар. Во кварталот што завршил на 25 октомври, „Енвидија“ продала лиценцирани производи од генерацијата „Хопер“ во вредност од 2,4 милијарди долари.
Ројтерс наведува дека американската дозвола за продажба на овие чипови во Кина следувала по повеќемесечно лобирање на Џенсен Хуанг и по средбата на Трамп со Си Џинпинг во 2025 година.
Сега овие производи веќе не се вклучени во прогнозите за идните испораки во Кина.
Прекинот следува по аферата што ја потресе компанијата и доведе до оставката на нејзиниот долгогодишен директор. Како што Плусинфо веќе објави, аферата на Хуанг со Алис Хуанг била само иницијална каписла за истражување поголем скандал за можните врски на „Енвидија“ со компании во Кина и ризиците во финансирањето во време кога вештачката интелигенција е во својот „бум“.
Управниот одбор на „Енвидија“ неодамна ја отфрли можноста Хуанг повторно да ја преземе директорската функција.
Дозволени, но запрени
Кои чипови добија забрана за испорака во Кина? Околу 600.000 процесори Х200 од генерацијата „Хопер“ биле задржани во Хонгконг, чекајќи одобрение за испорака во континентална Кина, според претходните информации на Ројтерс.
Проблемот не произлегува само од американските извозни ограничувања. Пекинг исто така го ограничил увозот на овие процесори, настојувајќи да ја намали зависноста од американската технологија.
Вашингтон претходно одобрил продажба на Х200 на 10 кинески компании, меѓу кои се „Алибаба“, „Тенсент“ и „Бајтденс“, сопственикот на Тикток.
Во генерацијата „Хопер“ спаѓа и процесорот Х200, наменет за обучување и работа на напредни модели на вештачка интелигенција.






