Сејдини: ФФМ ќе се спротивставува на каков било притисок

– Претседателот на Фудбалска федерација на Македонија, Мухамед Сејдини денес соопшти дека е уважената тужба на федерацијата која се однесуваше на решението на Државната комисија за одлучување. Тој порача дека ФФМнема да потклекне на никаков притисок.
Во продолжение во целост го пренесуваме обраќањето на Сејдини по добиеното известување од Агенцијата за млади и спорт:
– Најмалку што сакавме во едно вакво време, во денови кога се слави македонскиот фудбал и нашите резултати е да зборуваме за работи кои не се поврзани со играта, лигата или репрезентациите, но некогаш едноставно – немате избор.
Со факти и одлука на хартија да им покажеме и потврдиме колку не знаат и колку не се срамат што не знаат.
За тоа, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт – се одговара.
Во текот на вчерашниот ден, и до мене стигнаа шпекулации дека одредени претставници на клубовите од македонската лига се повикувани во државни институции, присилувани да потпишуваат некаква поддршка за бојкот на Генералното Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, уценувани со поделбата на ваучерите. Шпекулациите одеа дотаму што на големо се споменуваше и името на Премиерот на нашата држава.
Одбивав да верувам во таквите „игри без граници“ сѐ додека не го прочитав соопштението од Агенцијата за млади и спорт објавено на нивната официјална страна.
Во известувањето од Агенцијата за млади и спорт се вели дека при извршен инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија се утврдени низа неправилности спротивно на Законот за спорт.
Наведуваат дека решението било обжалено и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата беше отфрлена како неоснована од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението стана правосилно и извршно и против него не е дозволена жалба.
И сега доаѓаме до моментот од кој треба да се срамиме сите ние од начинот на кој постапуваат одредени наши инситуции, во овој случај највисокото државно тело за спорт.






