Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ одбележува 30 години од основањето, идејата на партијата е Македонија

Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

ВМРО-ДПМНЕ денеска одбележува 30 години од основањето во далечната 1990 година. На денешен ден беше крунисана идејата да се создаде политички субјект кој ќе биде носител на вековната македонска борба за сопствена независна и самостојна држава. Токму ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која прва зборуваше за Македонија надвор од Југословенската Федерација. И тој идеал својата финализација ја дочека на 8 Септември. Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е тогаш, сега, а ве уверувам и во иднина ќе биде Македонија, порача во видео обраќање лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Вели дека зборовите на апостолот на македонската борба за слобода Гоце Делчев, се водилка на секој  чесен Македонец.

-Како што вели апостолот на македонската борба за слобода – дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија, дали има народ понесреќен од македонскиот и дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија. Тие негови зборови се ѕвездата водилка на секој чесен и искрен Македонец повеќе од еден век наназад. Македонија била идејата која ги водела и хероите од НОБ, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ  Методија Андонов Ченто во предвечерието на втемелувањето на македонската државност ќе каже „Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме. Како ќе се вика таа држава, се разбира Македонија“, вели Мицкоски.

Потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ одбележува 30 години, а и 127 години Внатрешна македонска револуционерна организација.

-Толку многу години во кои секој еден е заслужен, а една е идејата, таа е Македонија. Македонија е вечниот идеал. Македонија е идејата на нашите дедовци, татковци, идејата на нашите деца, внуци и правнуци. Нашата борба преку ВМРО-ДПМНЕ е тој пламен никогаш да не згасне, туку напротив да се распламтува и да гори за век и векови. Сегашниот предизвик што како генерација се соочуваме е како да политички го победиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Тие се целосен антипот на тоа што значи Македонија за која илјадници луѓе ги положиле своите животи. Мораме да ставиме крај на поразите и понижувањата кои тие ги создаваа. Три години режим на Заев ја осиромашија Македонија, ја клекнаа на колена со погазено достоинство да се дави во криминал, корупција и сиромаштија. Изборот е јасен. Обнова или измама. Македонија или ова раководство на СДСМ предводена од Зоран Заев, посочува во обраќањето Мицкоски.

Тој потенцира дека партијата со која тој раководи е поинаква од СДСМ и нејзиниот лидер.

-Ние знаеме и можеме да ја исправиме Македонија и гордо да зачекориме кон напредокот. Обновата на Македонија никој не може да ја сопре затоа што народот стои зад таа обнова. А ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на таа заедничка борба. Македонија горда членка на Европската унија, земја на иднината и среќниот живот. Нека е вечно и вековито победничко ВМРО-ДПМНЕ. Нека е вечна и вековита идејата за Македонија. Нека е вечна и вековита Македонија, рече Мицкоски во обраќањето по повод одбележувањето на 30-годишнината на партијата.

Back to top button
Close