Who’s Afraid of Virginia Woolf
Е, па претера со насловите на своите колумни, ќе воскликнат моите рафинирани читатели. Од кај па сега Вирџинија Вулф? Сега е актуелно едно друго лице, илузионист, кој живее во илузија дека е недопирлив. Но имам намера да ви раскажам за илузиитенаспротив реалноста на нашата земја и општеството, а не за маѓионичарот, на кого Хари Потер, може вода да му носи.

Триесет години живееме во илузија дека живеме во демократска средина (забележувате дека не споменувам држава), бидејќи и тоа би била илузија. Да градиме демократски институции, да владее правото, да сме мултиетничка и мултикултурална средина, да владе социјална правда, и конечно да сме пред Господ сите исти. Да се почитуваме, бидејќи сме соседи (не оние од траги комедијата на Едвард Олби, инспириран од творештвото и трaгедијата на писателката Вирџинија Вулф), да религиозната припадност не треба да нè гетоизира, да не се навредуваме, да немаме бесмислени дијалози по непотребни прашања, кои само водат до нови недоразбирања. Ние од сè правиме непотребни проблеми, дури и кога се попишуваме, се делиме.
Живееме во илузија дека создадовме нов систем, а всушност се работи за сè уште ткн. транзиција која е синоним на првобитна акумулација на капиталот, со методите од освојувањето на Дивиот Запад. Илузија је дека правосудството функционира. Илузија е дека функционираат институциите, меѓу кои и оние највитални кога е во прашање безбедноста на нашата земја. Илузија е дека ги контролираме нашите граници. Одбегнатите се враќаат единствено по спогодба, или чекаат промена на власта, која има илузија дека е непроменлива. Илузија е да можеме да ги вратиме одбегнатите од правдата.
Илузија е дека младината е наша иднина. Тие иднината ја гледаат вон границата. Ние не сме повеќе печалбарска земја, туку иселеничка. Илузија е дека сме медена земја, реалноста е горчлива како пелин на која се привикнавме како копачите (К.Рацин). Илузија е дека правиме реформи, всушност правиме театарски кулиси, зад кои се крие реалноста. Власта наместо да се одалечува од илузиите се плаши да не може да опстане без нив. Народот одамна изгубил желба за некаква илузија. Реалноста тоа не му го дозволува.
Владателите до толку заталкале во илузиите да почнуваат како јунаците од наведената екранизирана драма да веруваат во своите лаги, што ја покажува нивната опседнатост со власта. Тие немаат намера да ги напуштат илузиите. Тие немаат храброст да живееат без илузии. Илузиите ги одржуваат и инспирират за нови илузији. И така до пресудниот момент, како и заврши животот на Вирџинија Вулф. Дека таков момент постои, владателите не веруваат.
Губење на изборите ги толкуваат како илузија, а не реалност. Поразот го дочекуваат богати и обезбедени за три генерации, кои нема да живеаат во оваа земја. Зад себе оставаат плевел. Тоа не илузија, туку реалност.
Е сега редно и малку за илузијата наречена надворешна политика на нашава земја. Илузија е дека имаме надворешна политика. Таа кај нас практично не постои. Наша надворешна политика е реакција на надворешните политики на соседните држави, кои пак имаат национална надворешна политика, за разлика од нас. Илузија е да има конзистентна надворешна политика. Целите на нашата надворешна политика се прокламативни и консензуални мотивирани од различите интереси на коалиционите партнери во договорениот сооднос на партиципација во власта.
Илузија е дека ЕУ не била комплетна без нас како нпр. нашата фудбалска репрезентација без поастерениот Струмичанец. Илузија е дека демек во Европа носиме вредности. Какви? Илузија е дека се сите против нас. Реалноста е дека ние самите сме пречка за влез во ЕУ, ако тоа е спас. Не размислуваме дека најновите случувања на нашата правосудна циркузијада, не одалечува од Европа, односно ги потврдува резервите за нашата подготвеност. Соседите, немаат образ да делат лекции во поглед на политичката корупција, но користат вакви прилики за поентирање. Пак правиме погрешни дипломатски тајминзи. МНР Османи. Отидна во Париз, да се сретне со советниците на претседателот Е. Макрон. Тоа е работа за нашата виртуелна амбасадорка, која гледајте сега чудо, го покрива и Португал, макар што имаме амбасада во Мадрид. Демек Португал и Шпанија имаат некои нерешени проблеми. Да имаат ама фудбалски, а ние ментални.
Илузија е ако проблемот со Бугарија ќе го решиме со олеснувач и нови избори во Бугарија. Акциониот план е илузија бидејки не произлегува од консензусот на политичкити партии, кои го претставуваат плебсот во Собранието (Парламент немаме, а имаме спикер). Toj не е дел од националната стратегија. Илузија е да нашиот МНР , директно од Париз лета за Софија на средба со хубавата Блгарка, да го усвојат Акциониот план кои не решава ништо. Ај што не решава, туку создава проблеми внатре во нашава земја библиска.
Илузија е дека имаме добри односи со соседите. Тезгарење на Табановце со вакцините е во предизборни цели. Хуманоста не се експонира. Изјавите на српските званичници се директни пораки. Нашиве го примаат донаторството, да ја прикријат немоќта за менаџирањето, бидејки досегашните искуства зборуваат дека таквите набавки беа предизвик за корупција, односно нерегуларни тендери, од кои првото милионче евра заработи и една наша тв старлета.
Илузија е дека членството во НАТО ќе ни донесе директен бенефит. Ни донесе, за сега, само бламажа. Илузија е дека во мултилатералните односи можеме да бидеме забележени. Се обидовме, ама не не бива.
Посебно кога е во прашање воведување на санкции, по принцип на народната поговорка. “видела жаба да се…”
На мултилатерален план можеме да бидеме забележени единствено по неисполнување на ветувањата. Од тоа имаме уплав, па затоа брзме да го исполнивме договорот на Нивици и пред рокот, без разлика како другиот потписник ги исполнува незабележителните услови.
Илузија е дека нашата дипломатија може нешто да направи сама. Дипломатските кадрови и покрај новите стандарди во сто пати изменетиот Закон за надворешни работи, сепак остануват партиски, макар што се скриени под графата професионлци, бидејки триесет години дремат во МНР. Илузија е дека 25% политички амбасадори се намалување на политизацијата на дипломатија. Не, таа останува политизирана, а овие 25% се привилегирани, во однос на они 75%, кои се исто така политизирани. Илузија е дека ние во дипломатијата ќе настапуваме професионално во одбрана на националните интереси на нашава земја. Домицилните национални или религијски поделби ќе ја креираат нашата надворешна политика. Метастазирање на федералните елементи во сите пори, води кон ерозија и на меѓународен план. Соседите ја знаат оваа наша Ахилова пета и стрелките се таму насочени.
Илузорно е дека има независни и слободни медијуми, макар што еден печатен медијум еуфемистички има такво име. Ние фактички немаме медијуми. Тие се фабрички весници не само содржајно туку и тиражно.Тие немаат фунција на илуминација на нацијата туку на зголемување на медиската катаракта. Медиумските глодари копнеат по државна функција. Тоа да го постигнат е нивна илузија. Ваквите наши медиуми ќе исчезнат наскоро.
И конечно да го оправдам насловот на колумнава – Кој се плаши од Вирџинија Вулф? Народот не. Тој не е опседант за живеење во мечта. Тој сака леб и спокој. Со својата лаж се опседнати владарите, кои народот ги чита како буквар. Тие се плашат да живеаат без илузии. Бидејки доколку ги отфрлат илузиите и мечтите, би им останала само суровата реалност во која сите ние се наоѓаме. Тоа би бил нивен крај.
Илузија е да се очекува ваква разврска. Корените се длабоки а ризикот никаков за да не се продолжи со досегашните илузији. Народот е трпелив. До кога?.
Ѓорѓи Мисајловски






