Македонските футсалци ги започнаа подготoвките за двомечот со Србија во евроквалификациите

Со тројца дебитанти и без еден од најдобрите играчи во тимот Даниел Де Соуса, македонската футсал репрезентација денеска ги започна подготовките за мартовскиот двомеч против Србија, во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година во Холандија.

Македонските футсалци в петок и гостуваат на Србија во Врање, додека реваншот ќе се игра идниот вторник во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Селекторот Васил Скендеровски за двомечот со Србија нема да смета на натурализираниот Бразилец Даниел Де Соуса поради повреда, а неизвесни за настап се и Дарко Ранготов и Иван Крстевски.

– Не очекуваат два исклучително тешки натпревари против петтата најдобра селекција во светот. Хендикеп за нас е отсуството на еден од нашите најдобри играчи, Даниел Де Соуса, како и повредите на Крстевски и Ранготов. Исто така, поради Ковид протоколите тимот се комплетираше пред два дена, но сè додека постојат шанси нема предавање и ќе се обидеме да направиме изненадување на овие два натпревари со што би ни се отворил патот за Европското првенство. Овие натпревари се голем притисок за Србија, освоија само бод, а беа посочени како топ фаворити во групата и можеби тука е нашата шанса за изненадување, изјави селекторот Скендеровски.

Во воведните два натпревари во групната фаза македонската репрезентација загуби на гостувањето во БиХ со 2:1 и одиграно нерешено 2:2 против Романија во Скопје.

Повикани репрезентативци за двомечот со Србија:

Голмани: Антонио Петровски (СК Проект Цујо), Иван Стојановски (Шкупи);

Одбрана: Реџеп Сулејмани (Шкупи), Таулант Исмаили (Арбен Бајрами), Ферид Агуши (Шкупи), Драган Петровиќ (Шкупи), Орхан Ибиши (Приштина Мабетекс, Косово), Харис Омеровиќ (Арбен Бајрами);

Напад: Иван Крстевски (СК Проект Цико), Игор Леовски (Славија Прага, Чешка), Адријан Мицевски (Бетон бојс, Германија), Дарко Ранготов (СК Проект Цико), Мартин Калчевски (Велес), Петар Даиловски (Железарец), Еркан Сефери (Шкупи), Јакуп Рамадани (Арбен Бајрами), Џокица Арсовски (Стуттгартер, Германија).

Back to top button
Close