Општина Карпош избира најдобри наставници и стручни соработници

– Општина Карпош објави повик за избор на најдобар одделенски наставник, предметен наставник и стручен соработник. Право да учествуваат имаат наставниците вработени во некое од десетте општински основни училишта во Карпош. Повикот за аплицирање е отворен до 10 мај 2021.
Целта е, како што соопшти Општината, да ги мотивира просветните работници и во екот на пандемијата.
– Ова е втора година како просветните работници се грижат да нема застој во образовниот процес и сите ученици да имаат еднаков пристап до образованието, наведува Општината.
Наставниците што ќе се пријават и ќе пополнат Изјава, треба да имаат засновано редовен работен однос на неопределено време; стаж од најмалку седум години во воспитно-образовна установа; да поседуваат основни професионални компетенции за наставници/стручни соработници и да достават одлука за награда донесена од училишен одбор на предлог на наставничкиот совет, а по претходно добиено мислење од ученичката заедница, советот на родители и директорот на училиштето.
Наставниците и стручните соработници се поконкурентни при рангирањето ако организирале менторства, учествувале на научни конференции, предавања, работилници, креирале проекти, трудови итн.
Предвидени се парични награди од по 10.000 денари за секоја од категориите (одделенски наставик, предметен наставник и стручен соработник), за кои ќе одлучува комисија составена од членови на Советот и од општинската администрација – Одделение за образование.
Наградите ќе бидат доделени на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј.





