Блинкен во ненајавена посета на Авганистан

– Државен секретар на САД, Ентони Блинкен денеска пристигна во Авганистан, во ненајавена посета, при што ќе го претстави планот за повлекување на американските војници пред авганистанската Влада.

Предвидено е Блинкен да се сретне со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, како и со високи американски претставници стационирани во Авганистан за да разговараат за објавениот план на американскиот претседател Џо Бајден, во кој се наведува дека е време да се стави крај на најдолгата војна во која учествувале САД.

Американските војници треба да се повлечат неколку месеци по крајниот рок утврден во договорот постигнат од поранешниот претседател Доналд Трамп со талибанците во февруари 2020 година, додека преговорите меѓу Кабул и бунтовниците се во застој, а не е ниту намалено насилството.

Според дел од аналитичарите оценуваат дека таквото повлекување може да ја втурне земјата во нова граѓанска војна или може да им овозможи на талибанците да се вратат на власт, од каде беа протерани на крајот на 2001 година.

Според договорот на Трамп повлекување на 2.500 американски војници треба да почне на 1 мај и заедно со повлекувањето на трупите на НАТО да заврши до 11 септември.
Мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“вклучува вкупно 9.600 војници од 36 земји.

Авганистанскиот претседател истална дека ја почитува одлуката и оти авганистанските сили се целосно подготвени да ги бранат народот и земјата.

Талибанците се против пролонгирање на рокот за повлекување на американските војници од Авганистан.
– Доколку се прекрши договорот и ако странските сили не ја напуштат нашата земја во предвидениот рок, сигурно ќе има проблеми и тие што не го почитуваат договорот ќе бидат одговорни за тоа, предупреди вчера портпаролот на талибанците.

Талибанците претходно најавија дека нема да присуствуваат на мировна конференција за Авганистан, што треба да се одржи од 24 април до 4 мај во Истанбул, сè додека сите странски сили не го завршат повлекувањето. Конференцијата треба да овозможи отпочнување на директни мировни разговори помеѓу талибанците и Владата во Кабул.

Back to top button
Close