Озил: Детскиот сон е освојување на СП и ЛШ, а не на Супер лига

Поранешниот германски фудбалски репрезентативец и актуелен член на турскиот гигант Фенербахче, Месут Озил, меѓу првите играчи го крена гласот против формирањето на новото клупско натпреварување под името Супер лига, зад која станаа 12 финансиски моќни европски екипи.
Озил на својот твитер профил истакна дека најавената Супер лига нема ништо заедничко со духот на фудбалот.
-Децата растат сонувајќи еден ден да освојат Светско првенство и Лига на шампиони, а не таму некојаси Супер лига/ Уживањето во големите натпревари се состои во тоа тие да се случуваат еднаш или два пати годишно, а не секоја недела, напиша Озил на социјалните мрежи.
Меѓу клубовите кои застанаа зад новото натпреварување, најавено да започне во август, се Реал Мадрид и Арсенал, две екипи за кои Озил настапуваше во минатото.