Ковид-пропусницата ќе може да се симне како апликација на секој мобилен телефон
Дигиталната ковид-пропусница за патување ќе може да се симне како апликација на секој мобилен телефон, објасни министерот за здравство Венко Филипче откако вчера најави дека од следната недела ќе почне да се издава, како што рече, „грин пас“. Пропусницата ќе содржи податоци за примена вакцина, а сертификатот за вакцинација ќе се издава кај матичните лекари.
„Во секој случај, нашиот ‘грин пас’ ќе биде спремен од почетокот на следната недела. Тоа е ‘пас’ што електронски преку кју-ар код и апликација, која ќе може да се симне на секој мобилен телефон, ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вакцината, ПЦР-тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР-тестирање и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест“, изјави Филипче.
Во однос на ставот на здравствените власти за тоа дали лица кои прележале треба да се вакцинираат, Филипче рече дека се следат препораките на СЗО, на производителите на вакцините и на други држави кои ги менуваат правилата, но кај нас препораката е дека е пожелна вакцинација еден месец по прележување на болеста.
За македонските граѓани што се вакцинирале во некоја од соседните земји рече дека ќе треба да извадат потврда дека се вакцинирани таму бидејќи, како што рече, во документот мора да се внесе серијата на вакцината со која се вакцинирани.
Ревакцинацијата, како што рече, за сите вакцини е по три недели, а за „Астра Зенека“ по 12 недели. Повтори дека на граѓаните под 60-годишна возраст нема да се дава вакцината на „Астра Зенека“.