Се намалува бројот на позитивни случаи на коронавирусот, расте интересот за вакцинација
– Бројот на позитивни лица на коронавирусот во земјата продолжува да се намалува, а се забележува пораст на интересот за вакцинација против вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека досега преку веб платформата vakcinacija.mk пријавени се 395.776 граѓани. Според податоците на Министерството за здравство досега аплицирани се вкупно 255.259 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани.Со последните бројки 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 38,8 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Преку видео порака министерот Филипче ги повика граѓаните во што поголем број да се пријават за вакцинација, бидејќи само со масовна вакцинација на што поголем број граѓани ќе се стави крај на пандемијата.
–Колку побрзо и повеќе граѓаните се вакцинираат толку побрзо ќе ги прославуваме поводите за радост, родендените на саканите и свадбите на блиските. Вакцинацијата ни ја враќа слободата да ги прегрнеме нашите блиски, роднини, баби и дедовци, вели Филипче.
Завчера заврши Светскиот самит за здравство со ветување од фармацевтските компании за испорака на повеќе од 1,3 милијарди дози вакцини против Ковид-19 оваа година во земјите со низок и среден приход.
Американската фармацевтска компанија Фајзер и германската Бионтек ветија една милијарда дози вакцини, додека Џонсон и Џонсон – 200 милиони дози и Модерна 100 милиони дози вакцини против Ковид-19 за државите со низок и среден приход. Вакцините за сиромашните земји ќе бидат по набавна цена, додека за државите со среден приход би биле половина од цената.
Фајзер и Бионтек ветија уште една милијарда дополнителни вакцини следната година, додека земјите-членки на ЕУ најавија нови 100 милиони дози во текот на годината.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека голем број од европски испораки ќе бидат преку Програмата на Обединети нации КОВАКС.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден кај нас беа регистрирани се 84 оздравени пациенти. Вчера беа регистрирани 51 нов случај на Ковид-19 и тоа во Скопје – 28, Тетово – 5, Битола и Виница – по 3, Прилеп, Кочани и Кичево – по 2, Куманово, Велес, Гостивар, Кавадарци, Неготино и Македонска Каменица – по еден, а пријавени беа вкупно 16 починати лица од кои седум од Скопје.
Досега во земјата се направени вкупно 773.531 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.028, бројката на оздравени пациенти е 146.800, починати се 5.296 лица, а бројот на активни случаи изнесува 2.932.
На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 340 пациенти со Ковид-19. Има околу 559 празни болнички кревети во ковид – центрите, а поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Во однос на патувањата во соседна Грција, дописничката на МИА од Атина јави дека правилата за влез во земјата што беа воведени минатата седмица се продолжени до 31 мај 2021 година, согласно новата министерска одлука што вчера стапи во сила. За патување кај јужниот сосед задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест или алтернативно, потврда за прележан Ковид-19, како и пополнет PLF формулар.
Кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно 6 до 22 часот по македонско време.