Наместо тендер за картички, ВМРО-ДПМНЕ бара српските туристи да се пропуштаат само со кревање рампа на патарините
ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека власта ќе спроведе незаконска набавка на картички за српските туристи кои бесплатно ќе патуваат низ земјава во следните месеци. Пратеникот Кирил Пецаков обвини дека Владата расипнички и нерационално планира да потроши 3 милиони евра, наместо мерката да се спроведе, како што рече, со едноставно кревање рампа и видeoнадзор на возилата со српски регистарски таблички.
„Владата и Зоран Заев мора да одговорат како е дојдено до таа сума од 3 милиони евра за набавка на картички за патарина? Владата и Зоран Заев мора да одговорат зошто оваа мерка не се воспостави со едноставно кревање рампа и видеонадзор на автомобилите со српски регистарски таблички? Исто така, како пратеник што доаѓа од Охрид, јас и охриѓани сакаме да добиеме одговор од Зоран Заев и Владата, зошто оваа мерка не се воспостави и не важи и за Охрид како летна туристичка дестинација за илјадници српски државјани туку важи само за Грција?“, изјави Пецаков.
За Зоран Заев и најкриминалната Влада во Европа, зборовите транспарентност, отчетност и одговорност немаат никакво значење, тие се занимаваат само со бизнис-зделки и милионски профити, додаде Пецаков.