Нуредини: Тој што загадува, треба да плати – да се донесат измените на Законот за прекршоци кои се блокирани со 2 000 амандмани
Измените на Законот за прекршоци се блокирани со околу 2 000 амандмани, наместо побрзо да се донесат зашто предвидуваат повисоки казни за оние што ја загадуваат животната средина, рече попладнево ресорниот министер Насер Нуредини, одговорајќи на пратеничко прашање.
Нуредини е дециден дека тој што загадува, треба да плати, а пробпемот со отпадот не треба да се политизира.
– Не би сакал да го политизирам вашето прашање. Не само во Сарај, туку, за жал, во целата држава, во голем број општини имаме проблем со отпадот. Според Законот, општината ги има ингеренциите и обврските за собирање и депонирање на отпадот, но свесни сме и дека нема услови за депонии во нашата држава. Општина Сарај отпадот го депонира во Дрисла. Но, ако некое лице или претпријатие го фрла отпадот во Вардар, тоа е противзаконски. Да ги поддржиме сите општини кои имаат пробпеми со отпадот, без политички обојувања. Имаме многу општини и разни партии. Да не политизираме. И да не заборавиме дека свеста е сепак кај нас, кај граѓаните. Ние, за жал, донекаде придонесуваме за проблемот, фрлајќи го отпадот насекаде, истакна Нуредини во одговор на прашањето што го постави Абдула Салиу од Алијанса за Албанците.
Како што рече министерот, шест нови закони за отпад се доставени во Собранието со кои се дефинираат обврските на општините и производителите за селектирање на отпадот, неговото рециклирање и други можности за обработка.
– Со министерот за правда предложивме и измени на Законот за прекршоци, но за нив се поднесени околу 2.000 амандамни. Нема потреба од толкав број амандмани. Законските измени треба што побрзо да се донесат зашто предвидуват зголемување на казните за оние што ја загадуваат животната средина. Тој што загадува, треба да плати, подвлече Нуредини.
Планот на државата е, додаде тој, најнапред да се регулира Русино и да се изгради регионално прептријатие за Полог.
– Досега имаме добиено 1,6 милиони франци швајцарска поддршка за рехабилитација на Русино. Во процес сме на апликација и задолжување до 55 милиони евра за регулирање на базичната инфраструктура со депонии, камиони и контејнери, информира министерот.
Во однос на Матка, посочи дека местото е многу убаво, со голем потенцијал за туризам и отворање нови, одржливи работни места. – Пред крај сме со донесување на закноот за заштита на Матка кој предвидува план за нејзино менаџирање, при што би се вклучиле сите заинтересирани страни, Општина Сарај, Градот Скопје и претрпијатието „Јасен“, потенцира Нуредини.
Пратеникот Салиу не беше задоволен од одговорот на министерот. Тој го лоцираше пробпемот со отпадот во Општината и рече дека инспекторатите воопшто не реагираат, ни општинскиот, ни републичкиот.
– Не сум задоволен од одговорот, проблемот е во раководството на Општината. Од сите села, ниту едно нема да е без проблеми со отпадот. Секој жител на Сарај плаќа за услугите за отпадот и мислам дека тука не е проблемот, туку дека е во тоа што еколошката површина е претрупана со отпад. Треба да се преземат мерки и да има поголема одговорност за овој проблем, нагласи Салиу кој на собраниската говорница покажа и фотографии од Треска на кои, како што рече, може да се види состојбата со загадувањето.
Салиу претходно упати прашање и до министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во врска со законот за легализација на дивоградбите и обвини за, како што потенцира, урбанистичкиот хаос во Сарај.
– Барам министерот да ја спречи оваа анархија и урбанистичкиот хаос во Сарај. Се гради без критериуми, покрај езера и во паркови, предвидени за спорт и рекреација. Зошто нема интервнеција од инспоекторите за спречување на криминалот во Сарај?, рече пратеникот од Алијанса за Албанците.
На тоа министерот Бочварски му одговори дека со новиот закон ќе се решат многу проблеми на голем број граѓани.
– Како Влада, мора да водиме грижа за граѓаните. Но, исто така и Собранието. Да искреираме законско решение кое ќе реши голем брпој напластени проблеми. Законите не се носат за одредени личности или само за една општина, туку за сите. Законот е вратен, а дебатата е повторно отворена за што ми е посебно драго. Целта е носење најдобро решение кое ќе биде од корист за сите. Убеден сум дека ќе бидат решени голем број од проблемите на граѓаните на кои им е потребен кров над глава, истакна Бочварски и ги повтори новините во законот.
Пратеникот не беше задоволен ниту од одговорот на министерот Бочварски.