Случајот Хашим Тачи: И Албанците паднаа на тестот за универзалната правда
Денко Малески
Универзалната идеја на правдата вели дека истите основни правила на праведност важат за секој човек,без оглед на неговата нација, вера, политичка припадност, државјанство или страна во конфликтот. Најтешкиот тест на универзалноста би можел да гласи вака: ако убиството на цивил е злосторство кога го прави непријателот, тогаш мора да биде злосторство и кога го прави припадник на „нашата“ страна. Тоа се вика еднаквост пред правдата. Индивидуалната а не колективната одговорност е друг елемент на универзалната правда. Значи, не може да се каже дека „Сите Албанци се виновни“ или „Сите Македонци се виновни“ или „Сите Срби се виновниѐ“. Виновен може да биде само конкретен човек кој сторил конкретно дело. Праведната кауза, пак, не го прави секое средство праведно. Значи, во меѓуетничките конфликти, истото правило мора да важи и за „нашите“ како и за „нивните“.

Зашто ако не е така, тогаш не можеме да зборуваме за универзална туку за некаква национална правда според која „нивните“ се убијци а нашите се „херои“.
Во случајот на Хашим Тачи, пресудата е јасна и достапна до јавноста. Судот утврдува неговата конкретна одговорност за конкретни злосторства. Така, преку судска постапка на докажување, Трибуналот го прогласи Хашим Тачи за виновен за следните воени злосторства: незаконско/арбитрарно затворање на 385 лица,сурово постапување кон 49,тортура врз 303 и убиство на 96 лица.
Во говор пред генералното собрание од 19 ноември 1996 година на чиј дневен ред беше Хашкиот трибунал реков дека „работата на трибуналот е првиот чин на помирување на Балканот“ зашто „се додека нема правда, нема да има мир на Балканот“.
Наредните години следеа серија пресуди за воени злосторства од припадници на разните народи на поранешна Југославија. Но, во сите случаи националните емоции извојуваа победа над принципите на правдата. Сеуште го паметам помпезниот дочек на нашите „хашки затвореници“ пред години, и бранот на незадоволство меѓу Македонците после конфликтот од 2001, дека само „нашите“ се судат, а „нивните“ се на слобода и дека „нашите“ не се виновни. Истото се случува и сега со објавувањето на првостепената пресуда над Хашим Тачи, на која тој има право на жалба. Читајќи ги вчерашните реакции на политичари и други јавни личности од Косово, Албанија и Македонија, во случај нешто да сум пропуштил, на интернет барам потврда.
Имено, сакам да дознаам дали постои макар една истакната личност во политиката која има разбирање за објавената пресуда. Одговорот гласеше: „Ги проверив сите денешни реакции во Косово, Албанија и Северна Македонија и не најдов истакнат албански политичар или јавна личност од овие три средини што јавно ја поздравила самата пресуда на Хашим Тачи како праведна“.
Сепак, на пошироката листа на албански инетектуалци кои јавно го бранеле принципот дека и Албанците треба да одговараат за воени залосторства се имиња меѓу кои првите две ми се познати уште од времето кога живеевме во заедничката држава, Југославија: Ветон Сурои, Шкљезен Малиќи, Вехби Кајтази, Јета Красниќи…






