Кога старото умира ново се раѓа. А кога ништо не се раѓа?
Денко Малески
Светските настани во 1991 како и денешните,35 години подоцна, покажуваат дека прогласувањето на независноста на една мала држава е само почетниот чин во нејзината борба за опстанок на меѓународната сцена. Имено, борбата за македонската држава продолжува и денес, иако во сосема поинакви околности, факт за кој, се надевам се свесни македонските политичари. Кога пред 35 години Македонија се прогласи за самостојна и суверена, меѓународната структура на моќта јасно го покажуваше патот кон безбедноста и просперитететот.Имено, сите патишта водеа во Вашингтон. На врвот од светската структура на моќта стоеше само една супер-сила – Америка. Кина допрва се подготвуваше за своето економско чудо, а Русија, економски истоштена од полувековната Студена војна крена бело знаме. 35 години живеевме во „униполарниот момент“ во кој единствената голем сила вложуваше свои пари и војници да го трансформира светот според својот лик – во свет на либерални демократии. Златните времиња на трансатлантската соработка меѓу Америка и Европа, заедничка зона демократии и на мир и кој го гарантираа САД, се зад нас.

Тој свет го нема веќе. Имено, пред нашите очи се распаѓа поранешниот статус кво во Европа каде што администрацијата на американскиот претседател Бајден покажа што може да се случи кога една голема сила ќе ја потцени моќта на другата. И додека од новата администрација на Трамп слушнавме и отрезниувачки зборови дека ширењето на НАТО во Украина е вистинската причина за војната, европските политичари до ден денешен одбиваат да ја прифатат оваа проценка. Според нив, се работи за руски империјализам чија цел е да се освои Украина, да се обнови СССР и да се завојува со европските држави.Оттаму и подготовките за војна со Русија која треба да се случи за неколку години и помошта на Украина во војната со Русија.
Некогашните „вазали“ не го послушаа „кралот“ и ги продолжија непријателствата во надеж дека, во еден момент, и „кралот“ , кој ја има најмоќната војска во светот, ќе им се придружи.
Пригласувајќи го статус квото од пред војната (непроменливоста на границите со сила) за нешто свето, европските политичари одбиваат да се соочат со некои свирепи реалности на моќта и се подготвуваат за војна. Зашто, нуклеарнаото оружје ја менува класичната логика на војната. Голема нуклеарна сила не може да се порази,со неа мора да се преговара. На тоа, европските политичари одговараат дека нема да дозволат Путин да ги уценува со нуклеарно оружје. Нема да дозволат? Како? Со провоцирање на нуклеарна војна?
Не само во Европа туку и на Блискиот Исток хегемонската структура на Америка и на Западниот свет во целина, е во распад. Се чини дека Америка ќе мора да ги затвори своите воени бази во Заливот кои се изложени на ракетни напади.И дека таму ќе се воспостави ново статус кво со Иран како важен играч со кој ќе соработуваат производителите на нафта. Логиката на Иран кој е вооружен до заби со ракети и дронови е дека, ако тоне, ќе го повлече со себе сите држави на заливот и ќе ја урне светската економија. Тој факт кажува дека нема воена победа на Америка освен со масовна употреба на нуклеарно оружје со цел да „се уништи една цивилизација“, како што, своевремено, ќе изјави Трамп. Генералите, велат извори од Вашингтон, веќе на два пати ја отфрлиле оваа идеја на Трамп. Се разбира, тука е и Израел со голем арсенал атомски бомби кој би можел да го стори тоа, но прашање е дали и Иран нема нуклеарно оружје, сопствено или добиено од сојузникот Пакистан.
Пред нашите очи се случуваат драматични промени какви што не се случиле неколку стотина години наназад. Инстиктивно, европските и македонските политичари вртат поглед кон минатото и бараат спас од Америка, макар и во форма на некаква нова Студена војна која би не обединила против „руската опасност“. Но примена на такви пропаднати политики, како што гледаме, водат до поголем хаос во светската политика. Зашто сегашните промени во светот се многу, многу длабоки и не се решаваат со стари политики туку со една поинаква визија за иднината.
Македонскиот премиер Мицкоски, верувам, со носталгија за старите добри времиња, оди во Вашингтон, а потоа во Њујорк, на редовното годишно собрание на ОН. Но, носталгијата не е замена за реализмот. Реализмот дека оди на разговори со американска администрација која, според вчерашните зборови на нејзиниот претставник кажани во Конгресот, смета дека заврши ерата на „градење држави“ на Балканот, или поинаку кажано, демократија или автократија, нас не не интересира, војна или мир, тоа е ваша работа. Реализмот дека ЕУ не е веќе заеднички проект со Америка, па Вашингтон не го интересира кој влегува а кој излегува од Унијата , дали таа ќе опстане или ќе се распадне. Реализмот дека ги интересира само економската ќар од соработката со Балканот и како да им парира на Кина и на Русија во бербата на профит. Реализмот дека сегашната американска политика не го признава меѓународното право, ги игнорира ОН и не се воздржува да ги убие, среде преговори, оние со кои преговара. Конечно, реализмот дека ерата на западната доминација со светот која траеше безмалку 500 години како и на Америка повеќе од 100, е завршена и враќање назад нема.
Каде е светот денес? Фридрих Ниче рекол дека промената настанува кога старото умира а новото се раѓа. Но, додал,дека кога старото умира а ништо не се раѓа, тогаш има хаос. Хаос е второто име за меѓународната политика денес.






