Мицкоски нема да ги окрвави рацете

Ерол Ризаов

Премиерот Христијан Мицкоски знае како се решаваат заканите по живот што му ги упатил извесен насилник од кумановско Черкезе, кој на социјалните мрежи пратил порака дека ќе го заколе како свиња на сред плоштад. Мицкоски, се разбира, нема да го употреби законот на Коза ностра бидејќи е институција. Ќосето експресно е откриен и уапсен од полицијата и ќе му се суди. Нема потреба премиерот да си ги окрвавува рацете, или да ја ангажира долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ.

Браво премиере за вашата храброст што можете сами да го решите „ќосето“, но и за вашата голема мудрост како институција. Имал среќа насилникот, бидејќи многу веројатно подобро ќе помине на суд, само со неколку години затвор.

 

Но, што да правиме ние кои не сме институции и што треба сами да ги решаваме работите со заканите на вашите ботови, кои отворено речиси секојдневно ги повикуваат вмровските „ќосиња“ да нѐ решат еднаш за секогаш. Ни еден случај од овие закани поради критики за злоупотребите на власта, кои уредно се пријавени во надлежните институции, не е решен.

Во ерата на „груевизмот“ имав неколку смртни закани. Дури и од еден познат изманик, кој продаваше фалсификувани визи за Америка за илјадници долари, помина само со условна казна, демек друг пат да не го повтори делото. Охрабрен од блискоста со вашиот намесник Никола Груевски, патриотот под заштита на власта, потпишан со име и презиме испрати јавен повик за отстрел со: „Метак у чело за Турчинот“.

И за време на твоето владеење откако си институција, премиер на Македонија, истиот повторно со своерачен потпис истури јавно еден грст закани со расни и национални навреди врз мене и мојот син. Имаше и пријава до јавното обвинителство. Ме повика обвинтелката да ме праша дали ја поддржувам пријавата со уверување дека има кривично дело. Одговорив потврдно, со забелешка дека од тоа нема ништо да биде бидејќи неосудениот криминалец, исто така, како вас премиере е институција во фудбалскиот клуб Вардар. Знаете ли како помина пријавата. Советот на јавни обвинители ја одби со образложение кое не може ни господ да го разбере. Јасни се само два збора: „Се одбива“.

 

Смртните пресуди како патриотски чин

Неодамна, премиере, само пред дваесетина дена и твојата партиска полиција не мрдна со мал прст за заканите по животот што ми беа упатени поради една пристојна критика на работењето на владата и на твојата партија насловен како „Таткото на големата лага“. Наместо истрага, твојот партиски штаб ги пушти ботовите да лаат на социјалните мрежи кои изрекоа смртни пресуди, под итно да ме реши камата на Ќосето.

Од пропагандниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ не соопштија ни лицемерно жалење за случајот и покрај силните осуди на ваквиот амбиент кој го практикува ВМРО-ДПМНЕ уште од своето основање како политичка партија.

Кај вас во партијата се смета како патриотски чин да се повикува на камата на Ќосето. А, што може друго да се очекува кога речиси секој ваш јавен настап во јавноста одекнува како темпирана бомба. Небаре во Македонија сите што не мислат како вас се предавници, непријатели, мршојадци, глодари, медиокритети, а во последено време најомилен збор ви е талог. Убеден сум дека ракоплескањето на вашите поданици за опасниот талог ви оставаат силен впечаток, па го повторувате при секое јавно обраќање. Сигурно знаете, а тоа ви е и целта, како тоа во матните глави и кај вашите режимски медиуми, тазе изнедрени колумнисти, аналитичари и експерти предизвикува одушевување, па како папагали ги повторуваат повиците со истите ваши зборови за пресметка со талогот и поинаку мислечките луѓе и медиуми. Нели е тоа отворен повик за навреди и смртни закани.

Ако премиерот везден зборува за велепредавства, непријатели, мршојадци, глодари и талог што друго може да се очекува од лажните патриоти освен закани, навреди и пцости. Премиере, вие со вашиот речник го создавате тој амбиент на омраза во земјата. Тоа не му доликува на еден претседател на влада, па макар и да се претставува како институција. Да, вие сте навистина институција, но која сее страв лично и со своите министерства за застрашување.

 

Менувате обвинители и судии како чорапи

Често се повикувате на владеење на правото, со нагласка дека мора да важи подеднакво за сите. Упатувате остри критики на правосудниот систем, а во последно време и големи пофалби за изречени пресуди. Ги менувате судиите и обвинителите како чорапи. Работите стануваат појасни кога ќе се види од кои пресуди сте задоволни, а од кои огорчени. Кога ќе стасаат вашите очекувани пресуди правдата е задоволена. Таква беше пресудата која ве одушеви дека сѐ е чисто и според законите со изградбата на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата европска партија на најсиромашниот народ во Европа.

А, огорчени сте од неочекувани ослободителни пресуди на ваши партиски противници. Чудовишна е вашата изјава дека уште Врховниот суд остана како последен бастион на опозицијата без вашата целосна партиска контрола. Не знам дали има поголема навреда за луѓето во правосудниот систем на Македонија од оваа вистина што ја искажавте јавно и гласно. Значи, сѐ ви е под контрола освен уште Врховниот суд. Па зошто тогаш би се плашел некој патриот да искажува, па и да пресудува смртни казни.

Дали очекувате, на пример, после секое ваше јавно обвинување да ве повика јавниот обвинител да дадете исказ во кој ќе ги кажете доказите за кривично гонење на вашите политички противници и критичари на вашите политики, или тие обвинувања ви се само за на телевизија и на социјалните мрежи како гола пропаганда. Настапите со пофалби само за вашите очекувани пресуди не се ништо друго туку силен притисок врз правосудниот систем. Тоа еден ден ќе ви се удри од глава од истиот тој правосуден систем.

Знаете власта е како мердевен, скала, по која се качувате и се симнувате. Кога сте највисоко и падот е најголем и најопасен.

П.С. Читам заминувате во Америка. Најавивте значајни средби на високо ниво. Многу инвестиции во капитални објекти. Го нудите Криволак како американска база. Го нудеа и други пред вас. Знам, 102 насто ќе дојдете со полна дипломатска чанта на големи успеси и плева од долари и ветувања за иднината на Македонија. Приказните за волшебни решенија со милијарди долари одамна ги слушнавме и ги видовме резултатите, а ги живееме последиците. Внимавајте ваквите средби на високо ниво и чудесни патувања обично завршуваат како „трла баба лан“. Кај нас велат дрн, дрн јарина. Таа приказна ќе ви ја раскажам кога ќе ги видиме резултатите од вашето патешествие во Америка.

„Пливај сине, далеку е Америка“.

(Nezavisen.mk)

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close