Македонско сценарио

За голем дел од македонската јавност изгледаше дека бунтот на студентите за правда, колку и да е промислен, е залуден. Тој повеќе веруваше во машинеријата на Вучиќ. Пишува Љупчо Поповски
Има некоја тенденција, можеби рефлексија, дека во македонскиот јавен дискурс има одредена жал за тоа што Александар Вучиќ ги загуби изборите во Србија. И плус дека ги загуби изборите од едно движење без лидер, всушност од непознати лица. Како и сѐ што се случува во Србија така и овие епохални избори со спектакуларен резултат овде се следеа непрекинато. Некогаш со поголемо внимание, некогаш површно. Но се следеа. Некои не веруваа дека е можно Вучиќ да ги загуби изборите – нели, тој е човек чија политичка умешност ги надминува сите во регионот – и дека поради сета моќ (медиумска, институционална и организациска) е едноставно неприродно е да биде надмудрен и поразен од некого.
Па за Студентската листа се даваа разни оценки: дека тоа е хетерогена коалиција која нема некоја одредена идеологија; дека сите се анонимуси; дека прашањето на Косово ќе им се удри од глава, дека нема да се откажат од врските на Вучиќ со Русија… и уште многу други работи. Се разбира, дел од тоа е точно, но не е сѐ. Можеби тоа е од пристрасност, но изгледа дека повеќе е поради тоа што малку ги познаваме работите што се случуваа во Србија од падот на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември 2024. Секое општество си е преокупирано со себе, со своите проблеми, па на неверојатната студентска епопеја овде се гледаше повеќе како залуден обид дека може да се урне еден режим и една машинерија со целосна контрола на сите точки во општеството.
Не мора да знаеме сѐ што се случуваше во Србија овие две години, но изгледа дека бескрајните пешачења на студентите и други млади од север до југ, од исток кон запад на Србија од овде повеќе изгледаа како олимписки маршеви на носење некаков факел. Така за некого изгледаше и велосипедската тура од Белград до Стразбур, до Европскиот парламент.
Споредбата со Шарената револуција
Многу овдешни аналитичари повеќе години велеа дека доколку Александар Вучиќ се кандидира на избори во Северна Македонија убедливо ќе победи. Тоа не го покажуваат само резултатите од гласањето на српските избори во Северна Македонија (во Скопје листата на Вучиќ доби 73,2, а во Куманово 92,4 отсто од гласовите), туку и благата незаинтересираност за бруталноста на полицијата, за тепачите во качулки, за газењето луѓе со автомобили. Сето тоа изгледа се поврзуваше со лажната претстава за Србија – дека земјата сака авторитарен лидер уште од времето на Милош Обреновиќ, па преку Караѓорѓевиќи, до Слободан Милошевиќ и Александар Вучиќ. На Зоран Ѓинѓиќ се гледаше како ексцес во оваа замислена претстава. Студентите ја свртеа на глава оваа претстава.
Споредбите со Шарената револуција изгледаат прикладни, но тие во основа не се соодветни. Таа произлезе од бомбите што ги емитуваше опозицијата и масовното прислушување, но прошетките од средината на „Партизанска“ до центарот на Скопје се минимални во однос на маршевите од стотици и стотици километри на младите луѓе од Србија по сонце, дожд, магла. Тоа беше извонредна кампања луѓето и во малите села во Србија да се запознаат со тоа што го бараат и за што младите поднесуваат неверојатни страдања – владеење на правото, функционирање на институциите, борбата против корупцијата и ослободување од прангите на заробената држава.
Заплашувањата и тортурите натераа многумина од противниците на режимот да заминат во егзил. Доколку Вучиќ ги добиеше и изборите на 25 октомври бројот на луѓето што ќе заминеа во егзил ќе беше драматично зголемен.
Некои од оние што останаа да се борат преживеаја многу лоши работи. Се вели дека студентите кои беа приведени биле тепани, жените соблекувани голи и понижувани во полициските станици, додека активистите беа затворени затоа што се бореа за своите демократски права. Меѓу нив беше и „Дванаесетката од Нови Сад“ – студенти и активисти гонети по политички мотивирани обвиненија за време на протестите. Шестмина беа протерани во егзил; другите шестмина издржаа затворска казна и домашен притвор. За оваа дванаесетка во овдешната јавност не се знаеше речиси ништо, таа како да не беше заинтересирана за нивните страдања. Не дека таа се чувствуваше комотно во таканаречениот „српски свет“ (ако постои) туку на овдешната јавност повеќе ѝ изгледаше нестварно она што го правеа студентите (секогаш се тврдеше дека зад сето тоа стојат некои странски сили на моќ) и му го земаа правото на студентското движење дека тоа може да смисли неверојатни идеи и механизми за да ја издржи и да ја предизвика машинеријата на моќта.
Од македонска гледна точка изгледаше дека студентите, колку и да се бунтовни и образовани и промислени, не можат да смислат толку паметна стратегија за борба. Тоа е она што поголемиот дел од македонската јавност не успеа да го разбере – дека младите луѓе кои не се во партиите најдоа начин како да се спротивстават на теророт на режимот. За некои овде тоа може да изгледа како сопствен пораз кој не сакаат да го видат. Овој дел од македонската јавност повеќе му веруваа на најмоќното оружје на режимот – дека отпорот е залуден. Студентите го демонтираа ова моќно оружје, докажувајќи дека политичката промена е возможна со истрајност, предодреденост и знаење.
Иронијата на европските лидери
Во една голема иронија европските лидери му се додворуваа на Вучиќ, со години го толерираа, а понекогаш и ефикасно го поддржуваа во неговото авторитарното владеење. За нив, вообичаено беше да претпочитаат предвидлив моќник отколку да размислуваат за демократска несигурност. ЕУ бараше стабилност на погрешно место. Таа се кладеше на Вучиќ на овие избори до последен момент и загуби. Честитките на првите луѓе на ЕУ до Студентската листа за победата беа повеќе протоколарни и учтиви до одредена граница. Единствено еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја најде вистинската порака кога, меѓу другото, ги напиша овие зборови: „Драга Србијо, ти направи твојот глас да се чуе“.
Долгогодишната подготвеност на европските институции речиси целата комуникација со Србија да ја водат само преку Вучиќ остави горчлив вкус дури и кај најпосветените застапници на европската интеграција. А да не зборуваме за опозицијата која десетина години им укажуваше на европските функционери за заробувањето на државата.

Наим Лео Бешири, директор на белградскиот Институт за европски прашања, ја оцени честитката на Кос како особено значајна, затоа што таа не се фокусираше на идеолошката ориентација на новото мнозинство, туку ги препозна барањата на студентите – за владеење на правото, борба против корупцијата и слобода на медиумите – како реформи што ќе ја приближуваат Србија до Европската унија. Според него, тоа е особено значајно и поради „обидите, за време на кампањата, ’Студентската листа‘ да се прикаже како политичка сила што би ја оддалечила Србија од Европа“. Таквата оценка ја ставаше во преден план идеолошката разновидност на кандидатите, нивните ставови за надворешната политика, а не основните вредности за правда на оние што го покренаа студентското движење и на оние што ги поддржаа студентите.
Според истражувањето спроведено од организацијата ЦРТА и Универзитетот Стенфорд во јуни 2026 година, 75 отсто од гласачите на Студентската листа се залагаат за поблиски врски со Европската унија, додека само 10 отсто ја претпочитале Русија. Кај гласачите на СНС, односот бил речиси обратен: само 15 отсто биле за приближување кон ЕУ, додека дури 60 отсто ја претпочитале Русија. Иако ако овие бројки не се директен показател за поддршката за членство во ЕУ, тие јасно покажуваат дека проевропски настроеното гласачко тело било многу позастапено меѓу оние за политички промени отколку меѓу поддржувачите на досегашната власт. И плус другиот податок – 85 отсто од поддржувачите на Студентската листа ја сметаат демократијата за најдобар политички систем, во споредба со 38 отсто од гласачите на СНС.
Се разбира, Студентската листа не треба да се идеализира. Во реалниот свет на политиката таа може да почне да ги губи ориентирите ако се оддалечи од нивната заветна борба за владеење на правото и борба против корупцијата. И кога ќе треба да се прават болни реформи.
Демонтирањето на авторитарните институции
Бешири вели дека најголемиот парадокс на оваа политичка промена лежи во можноста Србија да го добие својот најзначаен европски реформски поттик токму од политичко движење кое членството во Европската унија не го стави во центарот на својата кампања. За разлика од претходната власт – која често зборуваше за Европа, додека со своите постапки всушност ја оддалечуваше Србија од европските стандарди – Студентската листа доби мандат да ги трансформира токму оние области од кои зависи членството во ЕУ.
Поразот на автократ е настан, но демонтирањето на авторитарните институции е процес. Србија мора да се сврти кон владеењето на правото. Европа сега има можност да ја врати довербата на оние кои се бореа за демократски вредности. И да испрати порака не само кон Србија, туку и кон другите држави во регионот дека ја претпочита демократијата и нејзините вредности, како слободата на медиумите, отколку да биде наклонета кон стабилна автократија. „ЕУ го загуби својот човек во Белград“, напиша „Политико“, но тоа не значи дека треба да ги загуби стотиците илјади луѓе кои поднесоа неверојатни жртви за да ја вратат демократијата и надежта во нивната земја. Европската унија сега мора да одговори на прашањето зошто беше подготвена да ги затвори очите пред демократското назадување на земјата во изминатите 14 години и постојано да му се додворува на Вучиќ кој седеше на две, три, четири столчиња. Кому устата му беше полна со зборови за ЕУ, а во суштина правеше сѐ обратно.
Македонската политика во многу нешта е банална, прозаична, па дури и примитивна. По падот на Вучиќ, сестринската партија на СНС, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се обидува на секој начин да ги тргне од себе сите можни контакти со режимот и да му префрли сѐ на опозицискиот СДСМ. Дури и петте тони марихуана кои годинава ја поминаа македонската граница и завршија во селото Коњух кај Краљево, кај човек од СНС и близок до министерот за одбрана. Повеќемесечната кампања на СДСМ за врските на владите на Христијан Мицкоски и Вучиќ ги нарекоа „политичко безобразие“. Користејќи ја омилената флоскула на Мицкоски тие само повторуваат дека за споменувањето на врските на ВМРО-ДПМНЕ и СНС „работи Фројд“.
Тоа можеби и не е толку важно во оваа прозаична македонска политика, како ни секојдневните соопштенија на СДСМ за врските меѓу владите на Мицкоски и Вучиќ и на провладините медиуми од двете страни на границата.
Како Вучиќ беше „навреден“ од Заев?
Можеби е поинтересно да се навратиме на 2017-2018 година кога за Александар Вучиќ во кампањата за претседателските избори една од неговите централни теми беше дека нема да дозволи „Македонско сценарио“ во Србија. Се разбира, мислеше на Шарената револуција. Тогаш имаше неверојатни напади врз Зоран Заев уште кога не беше премиер, а се зголемија откако стана. Заев беше квалификуван како црн ѓавол (иако после работите се променија – со вакцините, а и со Отворен Балкан, кој беше проект на Берлин).
Заев во времето кога беше само мандатар, во мај 2017, по откривањето дека српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ бил во Собранието за време на упадот на 27 април и по постојаното употребување на „Македонското сценарио“ на Вучиќ во неговата кампања го рече ова: „Гледајте, Вучиќ водеше кампања и буквално во секое појавување зборуваше за некакво ‘Македонско сценарио’. За жал, барем за мене, беше непријатно да се чуе како нашиот сосед зборува за Македонија“.
„Непријатно“ за Вучиќ и камарила бил тежок и навредлив збор. Па дури се одговараше дека Заев кажува „клевети и лаги“. И во два дена (17 и 18 мај) целото српско политичко раководство испрати салви напади затоа што наводно било „навредено“. Вицепремиерот и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ му одговори на Заев. „Навредите што Заев ги упатува кон српското раководство сигурно ќе влијаат на нашите билатерални односи… Србија не се меша во внатрешните работи на другите земји, а Србија сака и добри односи со своите соседи, но изјавите на Заев се во сосема спротивен тон. Србија сигурно нема да дозволи никој, дури ни Заев, да ја понижува, а односот кон властите во Скопјe во иднина ќе биде реципрочен на нивниот став кон Србија“, рече Дачиќ.
Потоа министерот за полиција, Небојша Стефановиќ, се придружи на одбраната на Вучиќ. „Односите меѓу Србија и Македонија не се лоши, но ставот на Зоран Заев кон Србија и нејзините граѓани е лош“, изјави Стефановиќ и праша: „Каков националистички потег направи раководството на нашата земја, или владата на Србија или Александар Вучиќ? Ќе продолжиме да чекаме одговор на ова прашање, а граѓаните на оваа земја беа сведоци дека Србија не се мешаше во внатрешните работи на Македонија и секогаш само повикуваше на мир и стабилност“, рече Стефановиќ.
На крајот, Александар Вучиќ му одговори на Заев со уште посилна канонада: „Не би сакал да кажам што мислам за Зоран Заев… Не ме загрижува тоа што ме навреди лично, тоа повеќе кажува за него отколку за мене. Не брзам да одговорам на тој начин“, рече тој. Вучиќ рече дека сè уште не добил одговор на прашањето „кога српското раководство се однесувало националистички и шовинистички… Ме интересира само да ја остават Србија на мира“.
Има уште многу изјави за „македонското сценарио“. Но доволни се и овие за да разберете во каква конфузија сакаат да ја внесат македонската јавност некои партии. Сојузништва се создаваат, се кршат и пак се обновуваат. Нема ништо во политиката што е страшно. Но не мора сега од Вучиќ да бегате како да има лепра.
А македонските студенти? Па тие се во драматична битка да се зголеми износот за студентскиот оброк. За тоа беа дури и кај премиерот – па ваучери, па ова, па она. Тоа не е мала битка.






