Возможноста на демократијата вопреки ‘барабите’ од Западен Балкан

Љубомир Д. Фрчкоски

Низ еуфоричниот шум на воодушевување и паника со промените во Србија и падот на Вучиќ, се чувствува и јанѕа кај пристојниот свет: како ќе оди понатаму процесот на демократска консолидација? Дали ќе успеат да се стабилизираат овие промени и конечно такви да бидат „светол пример“ на можноста од изборно рушење диктатури (заедно со искуството на нашата „Шарена револуција“), а секако и на паноптички страв за преостанатите автократчиња?

Во Вучиќева Македонија веќе се појавија градинарски аналитички гноми со прогноза дека Вучиќ се враќа на власт за една година, со намера да ја ублажат болката и стравот на локалната автократија. Веројатно ние и Република Српска сме единствени во тој mood. Намерата не ми е да ширам навивачки оптимизам, туку да ја вдомам промената која се случува во концептите за демократијата кои се нарекуваат „радикална демократија“ или можеме да ги наречеме „Рансиеревски моменти“, а кои се можни и имаат перспектива.

Отсекогаш постоеле две страни на демократијата: скептична, прагматична, индивидуалистичка, „либерална“; и редемптивна, преродувачка, спасувачка, колективистичка. Тие се неделиви од демократскиот концепт, а нив контекстно ги предводат различни политички елити. Проблемот на стабилната демократија е во контекстниот баланс меѓу овие две страни, со доминација на либерално-плуралната страна.

Џорџо Агамбен додава дека демократијата била отсекогаш конституирање на политика на телото, јавно-правна, res publica и, од друга страна, техника на владеење (административна практика).

Жак Ренсиe упатува на тоа дека демократијата се конституира постојано како „демократски скандал“, имено, за да преживее, таа постојано треба да ги бутка напред, да ги трансгресира своите институционални форми во постојаната нестабилна рамнотежа меѓу еднаквоста и слободата. Како процес демократијата е манифестација на дисезус, демонстрација на оние кои не се земени во предвид. Тука гневот и лутината се јавуваат како важни емоции вградени во анархичната етика на мета-политиката.

И конечно, Жак Дерида вели: демократијата е само онаа што треба да дојде.

Овие се некои од карактеристиките на скептично-либералната, индивидуалистичка демократија: верба во вредносен и политички плурализам; политички скептицизам; репрезентативност на демократијата; граници на моќта базирани на човековите права и слободи.

А овие карактеристики ја одликуваат редемптивно-преродувачка, колективистичката демократија: политика на вера; борба против либерални елити во име на народот; конспирации на „длабоката држава“; колективни права, органско единство на нацијата; ги репресира индивидуалните човекови права; груб мажоритаризам; администрирање наместо право; власта е единствена и се бави со „спасување“ на нацијата.

Демократијата е поле на конфликтни интереси и различни начини на живот во услови на масовни општества и глобална комуникација. Секоја либерална демократија има мал зачин на популизам и редемптивност во себе. Но тој е под контрола на институционалните демократски аранжмани, политички традиции и култура. Секогаш ќе најдете популистички говори на либералните политичари, но тие потоа се смируваат, навлегувајќи во институционалните процедури на реализација на политиката. Тоа може да го разбере и остварува само одговорна либерална политичка елита. Бидејќи чист индивидуален, либерален прагматизам е илузија. Балансот е вистинска сила и виталност на либералната демократија.

Некои од претставниците на либералната страна се: Ролс, Вебер, Хајек, Шумпетер, Деви, Липсет, Дворкин, Греј, Оукшот, со Рорти како кулминација на образложението на тој правец. За да функционира легитимната демократија, таа мора да се претвори во форма на институции и процедури кои ќе ги отстранат спонтаноста и експресионизмот во волјата и одлуките на народот, и ќе ги трансформираат во метод на владеење низ институции. Сет на аранжмани кои, обезбедувајќи контрола на гласачите врз носителите на власта, истовремено обезбедуваат таа да функционира како процес на донесување одлуки кој тече постојано и стабилно. Значи, долж демократскиот процес на носење одлуки, повторно баланс или дури судир помеѓу два различни принципа на акција и логика: едниот ја организира делиберацијата или условите на партиципативен дијалог на референтните групи и поединци, што е воедно легитимирачка основа на демократските одлуки. Тоа е Рансиеровиот момент на дисензус.

Додека другиот е моментот на носење на самата одлука, кој не подлежи на делиберативни консидерации, иако тие му претходеле. Тој чин на носење одлука (тоталитарен ексцес, како го нарекува Славој Жижек) подлежи на логика на суверен одлучувач (Карл Шмит), кој пресечува со конечен став. Одлучувачот стои секогаш на некој начин вон претходната делиберација, вон правото, иако може да се води од нивните заклучоци.

Многу автори сметаат дека оваа делиберативна страна е слабост на демократијата, губење легитимитет, ја намалува нејзината ефикасност, посебно во кризи и посебно во општества без либерални традиции, и отвора врата за авторитарни популистички политичари. Ја обвинуваат дека делиберативната демократија кружи околу одлуката која треба да се донесе, не ги одредува параметрите и одговорноста кој и како ќе ја донесе, како ќе заврши процесот на делиберација, а тој мора да заврши со носење одлука и одговорност за неа.

Но искуството со Србија во првата фаза покажа дека таа слабост може да се совлада и да отвори процес на спој со институционалната политика на агонистичките, мошне плурални социјални групи кога мотивот за промена на власта е доволно голем.

Ова е воедно признание дека политиката во демократијата е антагонистичка политика на судир на различни интереси и преземање одговорност, позиционирање, заземање став и носење одлука, а не политика на постигнување консензус.

Критика на рационализмот и либерализмот како филозофска основа на демократијата одамна постоела и оди од Оукшот преку Берлин до Рорти. Тие основано тврдат дека на демократијата не ѝ треба филозофска основа и кохерентен сет на филозофски идеи да ја брани, дури ни либералниот. Рационализмот, според нив, е уште една политика на вера во нешто. Наместо вера, на демократијата ѝ треба постојано трансформирање на моќта во дневна делиберација (договор за тоа како тоа ќе се одвива е исто така променлив).

Демократијата е тоа не поради институциите, туку поради процесот на делиберација, кој мора да остане инклузивен, и контекстните одлуки за кои се зазема став. Демократијата не е власт која ги реализира идеите, па ниту либералните, туку признавање и согледување дека секој политички систем е битно контингентен, врзан за околностите, исполнет со антагонистички противречности и судири. Како таков, секогаш се означува како „работа во тек“. Минималниот програм на таа „работа во тек“ е либерализмот без метафизика, без филозофски основи—ироничниот либерализам на Ричард Рорти. Инклузивно општество и процедури на делиберација чии вредносни темели единствено се: способност да се познае болката и страдањето кај другиот и таа да се избегне со одлуки кои заземаат став. Способност да се прераскажува својот сопствен историски и традиционален наратив во контекст со другиот и да се создава заедничка перспектива. Значи, етика на пристојност и политика на солидарност, во контекст на агонистика, антагонистичка политика и општество.

Србија покажа дека е можна силна мобилизирачка делиберација на различни групи и индивидуи, која руши диктатура. Македонија наѕре нешто такво со „Шарената“, но потоа повторно заглави во граѓанска послушност кон диктатура во надоаѓање.

Ова не го пишувам, драги мои, со надеж дека вмровските градинарски гноми ќе разберат нешто или ќе ги потисне срамот и воздржноста. Пишувам заради Вас и Нас, кои стоиме повторно пред напор на мобилизација за рушење на уште еден авторитарен режим во кратката историја на македонската современа демократија.

Back to top button
Close