Судири меѓу демонстрантите и полицијата на протестите низ Франција

Во неколку француски градови денеска избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека низ земјата 320 илјади луѓе протестираа против високите животни трошоци и влошените услови во училиштата.
По претежно мирниот почеток на денот, полицијата во доцните попладневни часови употреби солзавец во Париз и Лион.
Во Париз се слушаа експлозии од пиротехнички средства, а на снимките емитувани преку телевизија се гледа како кон полицајците во опрема за разбивање демонстрации се фрлаат запаливи средства, при што неколкумина биле зафатени од пламените јазици.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на протестите низ земјата учествувале 320 илјади луѓе, од кои 70 илјади во Париз.
Во Марсеј, на снимките се гледаат запалени предмети на улиците, а на терен интервенирале и пожарникари. Судири со полицијата биле пријавени и во Рен и Тулуз.
Во Рен, поединци фрлале предмети кон полициските службеници, соопшти локалната префектура.
Протестите беа организирани на повик на синдикатите, училишните и студентските организации, како и движењето „Жолти елеци“, што првпат привлече пошироко внимание во Франција во 2018 година.






