Бугарскиот печат и социолошките аналитичари за прогнозите од вториот круг за избор на претседател

Спроти вториот круг од изборите за седмиот претседател на Бугарија каде избирачите треба да се определат помеѓу двете кандидатски двојки Илијана Јотова и Кирил Валчев и Андреј Ѓуров и Георги Кандев, бугарските медиуми анализираат кој има повеќе шанси да биде новиот станар на „Дондуков“ број 2, адресата на претседателската палата.

Јотова е веќе претседател, а Валчев е досегашен директор на БТА. Таа ја презеде претседателската функција од Румен Радев во јануари оваа година, кој се повлече за да учествува на парламентарните избори, на кои однесе убедлива победа. Таа ја има поддршката токму од премиерот Радев и неговата Прогресивна бугарска партија и коалицијата која ја предводи.

Ѓуров, пак, е поранешен технички премиер со Георги Кандев како кандидат за потпретседател. Тој е економист и политичар, со кариера во банкарството. Бил пратеник во Народното собрание и претседател на парламентарната група „Продолжуваме со промената“.

На првиот круг од претседателските и потпретседателските избори кои поминаа во рекордно ниска излезност, за кандидатската двојка Јотова – Валчев гласаа 34,76 отсто од избирачите, а Ѓуров и Кандев добија поддршка од 31,95 проценти. Од вкупно 6,59 милиони гласачи, на изборите излегоа да го дадат својот глас 1,525 милиони, при што полето „не поддржувам никого“ го обележале 4,43 проценти од гласачите или нешто над 67 илијади избирачи.

Со ваков тесен резултат прогнозите од социолошките анализи, јави екипата на МИА, која пристигна во Софија да го следи и вториот изборен круг, посочуваат дека веројатноста да победи на изборите ја има оној кандидат кој ќе ја добие поддршката од гласачите на опозициските ГЕРБ и ДПС, кои на изборите не излегоа со свој кандидат. Тие, пак, поддршката и јавно ја дадоа за Ѓуров и Кандев.

Поранешниот претседател Росен Плевнелиев, тројца поранешни премиери – Бојко Борисов, Иван Костов и Николај Денков – заедно со десетици поранешни министри, високи воени офицери, дипломати и јавни личности, непосредно пред вториот круг од изборите издадоа заедничка декларација со која ја изразуваат својата поддршка за претседателската кандидатура на Ѓуров и Кандев.

Комуникациските експерти, пак, со различни оценки за ефектите од јавната дебата на Јотова и на Ѓуров одржана во четвртокот на Бугарската национална телевизија во однос на тоа кој колку бил подготвен во нивната способност да ги убедат гласачите да излезат на гласање и да го заокружат нивниот број.

Весникот „Труд“ меѓу другото посочува дека изборите в недела ќе покажат и дали Бугарија е подготвена за првпат во својата историја да избере жена за претседател или се уште не е дојдено времето за тоа. Резултатот од изборите, како што се посочува, ќе покаже и дали и како тој избор ќе влијае на промена на соодносот на политичките сили во земјата.

„Телеграф“ во рубриката политика на втората страница објавува дека за спроведување на двата круга на претседателските избори Централната изборна комисија ќе потроши околу 3 милиони евра. Во текстот има и препораки до избирачите како да гласаат на машините за да се избегнат евентуални проблеми. На првиот круг од претседателските и потпретседателските избори биле регистрирани проблеми кај 31 машина за гласање, од кои две биле користени на гласачките места во странство.

Весникот „Труд“, пак, на насловната страница донесува вести за почетокот на зимата, за затворањето на главната железничка станица во престолнината поради започнување со четиримесечна реконструкција…, но нема ниту збор за претседателските избори. Нивниот колумнист Иван Стамболов – Сула овојпат го анализира проблемот на Европа со мигрантите во текстот насловен „На мигрантите со љубов и омраза“.

Back to top button
Close