Трамп пренасочува милиони долари воена помош за Македонија и други европски држави кон Јужна Америка

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп пренасочува десетици милиони долари воена помош, првично наменета за Македонија и дел земји во Европа и Блискиот Исток, за поддршка на конзервативните влади во Централна и Јужна Америка.

Стејт департментот го извести Конгресот на САД за својата намера да пренасочи 52 милиони долари средства во рамките на програмата за финансирање на странска војска од Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.

Програмата за финансирање на странска војска вклучува распределба на средства од американските даночни обврзници до земјите-партнери за купување оружје и воена опрема од американски изведувачи на одбраната.

Прераспределбата на средствата следува по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Марко Рубио на Колумбија, Еквадор и Перу. За време на патувањето, тој вети дополнителна безбедносна поддршка на лидерите на тие земји, бидејќи администрацијата на Трамп ја направи Западната хемисфера приоритет на надворешната политика.

Стејт департментот објасни дека средствата ќе бидат искористени за „борба против наркотероризмот во нашиот регион и за да се помогне во обезбедувањето на континуираната безбедност на Панамскиот канал“. Тие исто така, забележаа дека регионот на Јужна Америка историски не добивал доволно воена помош од САД.

Стејт департментот појасни дека прераспределбата на средствата не значи целосно прекинување на воената помош за Ирак, Тунис, Словачка или Северна Македонија. Сепак, конкретниот износ што останува за овие земји сè уште не е објавен.

 

Back to top button
Close