Денеска се очекува изрекување на пресудата за Тачи и водачи на ОВК, Обвинителството бара вкупно 180 години затвор
Специјалниот суд во Хаг треба да донесе денеска првостепена пресуда за Хашим Тачи, поранешниот претседател и премиер на Косово и еден од најпознатите политички лидери на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК). Пресуда треба да им биде изречена и на Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Сите четворица беа меѓу политичките и воените лидери на ОВК за време на војната, а по војната заземаа високи позиции во косовските институции. Во 2008 година, како премиер, Тачи ја прогласи независноста на Косово, а подоцна беше претседател.
Процесот започна откако Специјализираниот совет, основан во 2015 година, го потврди обвинението против четворица поранешни лидери на ОВК во 2020 година.
Сите тие се притворени во Хаг од ноември 2020 година, судењето започна во април 2023 година, а доказната постапка заврши на крајот на 2025 година. 134 сведоци сведочеа во судницата.
Обвинението ги товари за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од март 1998 до септември 1999 година, во Косово и делови од северна Албанија. Според обвинението, жртвите биле стотици цивили и други лица кои не учествувале во непријателствата. Обвинителството тврди дека четворицата обвинети се индивидуално кривично одговорни за злосторствата извршени од припадници на ОВК како дел од, како што е наведено во обвинението, широк и систематски напад врз лица кои се сметале за противници на ОВК.
Обвинетите ги отфрлија сите обвинувања и се изјаснија за невини. Нивната одбрана тврдеше дека нема доволно докази за директно поврзување на Тачи и другите со конкретни злосторства. Во последната фаза од постапката, обвинителството побара казни од 45 години затвор за секој од четворицата.
Во Приштина и во други градови на Косово, од синоќа почнаа подготовките за следење на тој настан. На плоштадот „Скендербег“ веќе се поставени голем екран, црвени теписи и факели, создавајќи простор каде што се очекува граѓаните директно да ја следат седницата од Хаг. Подготовките доаѓаат по повикот до граѓаните да се соберат на плоштадот во исчекување на одлуката.
Во исто време, повеќето телевизии во информативни и специјални емисии известуваат директно од Хаг со најновите вести и специјални емисии.
Во основните и средните училишта на територијата на општина Грачаница денеска нема да има настава во образовните институции, туку ќе се одвива од далечина преку дигитални платформи. Како што објави Радио Ким, одлуката е донесена вчера попладне на состанок на директорите на училиштата што работат според наставната програма на Министерството за образование на Република Србија, пренесе Бета.
Претходно, Медицинскиот факултет и Техничкиот факултет на Универзитетот во Приштина во Северна Митровица ги одложија испитите закажани за денеска.
Се очекува изрекувањето на пресудата на четворицата обвинети за воени злосторства, да трае два часа денеска пред Специјализираните совети во Хаг. Според соопштението објавено на веб-страницата на Специјализираните совети, изрекувањето на пресудата ќе започне во 10 часот и ќе трае до 12 часот.






